CSS Template

По шести пат, во организација на МАСО – Фестивал на македонска храна во Мелбурн

839

 

Футцкрај во Мелбурн, изминатиот викенд беше локацијата каде се одржа традиционалниот фестивал за македонската култура и храна. Манифестацијата како секоја година така и оваа, предизвика голем интерес меѓу македонската заедница во Австралија, а почесен гостин беше и македонскиот амбасадор Веле Трпевски.

Во организација на МАСО асоцијацијата, фестивалот во Футскрај ја имаше својата 6 та по ред традиционална средба на која настапија играорците од КУД „Никола Карев“, Социјално и културно друштво „Демир Хисар“, Битолско социјално друштво „Александар Турунџев“, Македонско културно друштво „Светлост“, КУД „Бисер“ , Австралиско – македонска младинска асоцијација „Никола Карев“, КУД „Гоце Делчев“, Македонско австралиски танчески ансамбл „Тоше Проески“, КУД „Вардар“, КУД „Слобода“ , МКУД „Јане Сандански“, Македонскиот женски хор, Прилепскиот социјален клуб.

Со свој настап се претстави и танчерска група на домородците – Абориџини која имаше оригинална сценска изведба и заедно со македонската гајда и тапани.
На фестивалот добро познат и ценет меѓу Македонците и другите етнички заедници во Викторија присуствуваа неколку илјади посетители кои се потсетија на традиционалната македонска храна, но и научија нешто повеќе за нејзината подготовка.

Тавче гравче, полнети пиперки, сарма, тулумби, турлитава, скара и уште многу други специјалитети подготвени од вештите раце на кулинарите, беа на располагање на посетителите.

На бројните штандови можеа да се најдат и алкохолни и безалкохолни пијалоци од Македонија пред се од Прилепска и Скопска пиварница, Грозд – Струмица, Пелистерка од Битола и други.

Покрај храната и одличната забава, со свои штандови се претставија и ракотворците, но можеа да се најдат и голем број македонски книги списанија и музика, а најмладите учеа македонски .

Шестиот по ред официјален Фестивал на македонска храна во организација на МАСО асоцијацијата од Мелбурн ги надмина сите очекувања на посетеност, велат организаторите кои најавуваат дека наредната година ќе обезбедат уште поголеми изненадувања и побогата понуда.

semm
Vivafarm
Farma Dolneni