CSS Template

Над 650 пријави за штети од невремето пристигнале за два дена во Општина Прилеп

322

Во првите два дена од периодот предвиден за прибирање барања за обесштетување на земјоделците од прилепско, за штетите од невремето на 23 јули во архивата на Општина Прилеп поднесени се 650 пријави.

Најголемиот дел од нив се од најпогодените земјоделски стопанства од Мало и Големо Коњари, атарот на населбата Варош и од месноста викана Орде Чопела. Според првичните сознанија од ситуацијата на терен најмногу од пријавите се однесуваат на парцели под тутун.

-Комисијата за проценка секојдневно на терен ја проверува состојбата според пријавените штети. Најмногу барања се очекуваат од земјоделците кои што имаат насади под тутун и пипер, а пристигнуваат пријави и за проценка на штети на житни култури кои што останаа на нивите неожниеани. На седницата на Советот на Општина Прилеп закажана за понеделник 30 јули ќе се одлучува дали да се прогласи елементарна непогода, вели Жарко Северкоски, советник и претседател на општинската комисија за проценка на штети.

Во незапамтено невреме од силен град и ветер на 23 јули, настрадаа земјоделските насади на површина од над 600 хектари. Според досегашните сознанија центарот на временската непогода се случи во атарите на селата Мало и Големо Коњари, месност викана Орде Чопела, и варошко, каде во целост се уништени земјоделските култури. Помала површина, невремето оштети во атарите на селата Кадино и Галичани.
Рокот за пријавување на штетите е до трети август, при што не е исклучена можноста за пролонгирање со цел земјоделците да поднесат комплетна документација. Со цел да им се излезе во пресрет на земјоделските семејства, за прв пат комисијата за проценка на штети во предвид ќе ги земе и пријавите за корисници на земјоделски парцели со нерешени имотно правни односи, при што за потврда на веродостојноста потребна е изјава на нотар со двајца сведоци.
Уште на првата теренска проверка градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски на средбите со земјоделците истакна дека ќе побара да биде прогласена елементарна непогода.

semm
Vivafarm
Farma Dolneni