CSS Template

Влезот во ЕУ и НАТО, ќе значи приближување на македонското образование до европското

326

Во  работна посета на Прилеп,  престојуваше заменик министерот за образование, Петар Атанасов.Тој заедно  со градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на општинскиот Совет Миле Талевски,  ги посети ООУ „Гоце Делчев“ и СОУ Кузмано Јосифоски Питу„. Заменик министерот за образование, Петар Атанасов попладнево  одржа и трибина со професори, наставници од основните, средните училишта и Економскиот факултет- Прилеп, со цел запознавање со европските вредности во образованието и можностите за развој на образованиот процес .

При посетата на Прилеп тој истакна:„Образованието е широка тема. Со јавноста можам да споделам дека сум во комуникација со Националната агенција за образовни политики, каде изминативе години искористеноста на фондовите на ЕУ, особено ‘Еразмус’ проектите и на проектите со младите, е околу 98 отсто. Во циклусот 2021-2027 ќе бидат дуплирани фондовите за Република Македонија, при што колку ќе растат капацитетите на државните институции, толку повеќе ќе можеме да црпиме фондови. Сето тоа е врзано со нашето зачленување во ЕУ, или патот за отворање преговори, за да можеме што побргу да бидеме корисници на овие програми. Со приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, ќе се отвораат нови работни места, ќе има потреба од млади луѓе од Македонија кои што ќе бидат вклучени во овие структури, но секако и приближувањето на европското образование кон нашите простори, размената на мобилноста, ќе придонесе Република Македонија и целото општество да се приближи кон еден помодерен и поквалитетен живот“, потенцираше Атанасов.

При денешната посета заменикот министер за образование и наука, Петар Атанасов, го изрази своето задоволство од сознанието дека локалната самоуправа инвестира во општинските основни и средни училишта.

Градоначалникот Илија Јованоски, рече „Општина Прилеп издвои 3 милиони денари за реконструкција на тоалетите во ООУ ‘Гоце Делчев’. Да напомнам дека тоалетите во училиштето се реновираат прв пат после 40 години, а Општина Прилеп во рамките на своите можности ќе продолжи и понатаму со сите потребни реконструкции овде, но и во сите други основни и средни училишта. Оваа година издвоивме 20,6 милиони денари за училиштата во Прилеп, од кои 14,6 милиони за основните и 6 милиони за средните училишта“, изјави градоначалникот Јованоски.

 

 

 

 

 

semm
Vivafarm
Farma Dolneni