CSS Template

Авто слалом трка „Прилеп 11.Октомври 2018“ (Фото – галерија)

439

По повод Денот на народното востание, денеска во Прилеп се одржа втората трка од Државниот шампионат на Македонија во авто слалом „Прилеп 11.Октомври 2018“.

Натпреварот се одржа во центарот на градот, на булеварот „Гоце Делчев“, на потегот од раскрсницата пред ЦК „Марко Цепенков“ до кружниот тек пред Основниот суд. Должината на патеката изнесуваше 1.200 метра, а учесниците се натпреваруваа во 5 класи: возила до 1.600 ццм, возила над 1.600 ццм, спортски возила до 1.600 ццм, спортски возила над 1.600 ццм и возила со турбо. 

Организаторите рекоа дека за учество на трката, секој од возачите треба да исполнува одредени критериуми: да поседува важечка возачка дозвола, сообраќајна книшка за возилото, животно осигурување за авто натпревар и лиценца за слалом или натпреварувачка лиценца издадена од Автомобилската федерација на Македонија.

Прогласувајќи го натпреварот за отворен, градоначалникот Илија Јованоски напомена дека после подолга апстиненција, авто трките повторно се враќаат во Прилеп.

„Драго ми е што гледам импозантен број на гледачи и сигурен сум дека во иднина авто слаломот ќе прерасне во уште поголема манифестација. Сакам да го искажам моето задоволство од денешниот спортски настан и да изразам надеж дека трката ќе биде добро организирана, дека сѐ ќе помине во најдобар ред и дека ќе победат најдобрите“, рече градоначалникот Јованоски.

Христаки Давитковски е највозрасниот натпреварувач, кој веќе 42 години учествува на авто трки.

„Денеска ќе возам во двете категории, на обични и тркачки автомобили. Ова е убава популаризација на спортот, треба да заживее, бидејќи имаме голема публика. Минатата недела во Скопје беше кружниот натпревар со преку 10.000 публика, така што и посетителите и ние возачите го сакаме овој спорт“, изјави Давитковски.

Единствената припадничка од понежниот пол која се натпреваруваше со колегите од посилниот пол, беше Маја Милошевска.

„Моето појавување тука е можеби е малку чудно, затоа што велиме дека ова е “машки“ спорт и малку е чудно кога девојка ќе се појави на едно вакво натпреварување. Меѓутоа јас потекнувам од “тркачка“ фамилија, каде мојот татко и едниот и другиот чичко се занимаваа со автомобилизам уште во времето на Југославија, а потоа го наследивме и ние, помладите генерации. Денес овде е и мојот брат, така што беше нормално кога растете во една таква фамилија, да го одберете тој пат“, потенцираше Милошевска.

На трката учествуваа 27 натпреварувачи од повеќе градови од нашата држава, а најдобрите учесници од државното првенство се бодуваат за шампионатот во 2018 година. Натпреварот беше во организација на Авто картинг клубот „Скопје“ а со поддршка на Општина Прилеп и истиот во градот под Марковите кули се одржа после пауза од 7 години.

semm
Farma Dolneni
Vivafarm