CSS Template

Младите дами се повеќе посегнуваат по чашка алкохол – 40 години клуб на лекувани алкохоличари „Методија Николоски-Мец“

289
Avtokontrol1

По повод 40 годишнината од постоењето на Клубот на лекувани алкохоличари „Методија Николоски-Мец“, градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски денеска организираше прием за претставници на Клубот, за медицинскиот персонал од Невропсихијатриското одделение при болницата „Борка Талески“ од Прилеп и за членовите на семејството на основачот чие име го носи Клубот.

Психологот Јован Велески, главен терапевт на Клубот, нагласи дека во Република Македонија има околу 83.000 зависници од алкохол и дека е забележан пораст кај женската популација, особено кај младите.

„Помладите девојки се повеќе склони кон користење алкохол отколку момчињата и тоа е еден од ризичните фактори на кои нашата држава треба да обрни внимание. Нашиот клуб 40 години работи врз база на волонтаризам на општинско ниво и праќаме порака до сите зависници дека треба да се лечат од оваа болест, која е иста како и секоја друга болест категоризирана во меѓународната класификација на болести. Живееме во општество во кое имаме изместени вредности на социјалното милје, каде младите тешко се снаоѓаат. Не можат да се организираат, да се најдат себеси, својата сила и креативност и најчесто аклохолот е тој кој ги опушта во првата фаза. Меѓутоа замката е голема, бидејќи со секое земање на алкохол се оди во поголема динамика на влегување во болеста“, потенцираше Велески.

Стојан Мечев, претседател на Клубот на лекувани алкохоличари, вели дека редовно го посетува Клубот и веќе 11 години е апстинент.

„Благодарение на овој Клуб, чиј претседател сум 2 години, јас веќе 11 години како апстинирам. Нашиот клуб е формиран 1978 година од страна на доктор Методија Николоски и во тоа време имал само 7 членови. Во овие 40 години, повеќе од 3.600 граѓани побарале помош, од кои повеќето ја виделе светлината на денот и продолжиле со нормален живот. Клубот работи волонтерски, со минимални средства, а кога би имале малку повеќе средства, Клубот би имал многу поголеми резултати“, напомена Мечев.

За здравствениот аспект на Клубот, од името на Невропсихијатриското одделение при прилепската болница, зборуваше д-р Снежана Ѓорѓиоска.

Честитајќи им го значајниот јубилеј, градоначалникот Јованоски истакна дека прилепскиот Клуб е прв од ваков тип во државата и дека денешниот ден е значаен од аспект на вложените заеднички напори во превенцијата на алкохолизмот и во борбата против зависноста која перманентно бележи пораст.

„Вам, на сите заедно и на секој поединечно, ви честитам за храброста да се изборите со оваа зависност и да бидете одговорни граѓани на нашето современо општество. Човек во животот се соочува со многу тешки битки, но најтешка е битката што ја води сам со себе. Најголемата награда која што може да се добие, не е ниту златен медал, ниту највредната плакета, туку самопочит, самодоверба и ваше ситуирање како достоинствени личности во семејството, на работното место и во општеството. Вие сте модел на секој човек, кој што во моментов се соочува со оваа зависност, вие сте поддршка на сите млади луѓе кои влегле во канџите на алкохолизмот. Вие сте современи херои, кои извојуваа победничка битка со оваа зависност“, рече градоначалникот Јованоски.

При овој пригоден јубилеј, на  повеќемина заслужни соработници кои помагатели на Клубот на лекувани алкохоличари „Методија Николоски-Мец“, им беа врачени благодарници:на градоначалникот, Илија Јованоски, Невропсихијатриското одделение при болницата „Борка Талески“, авторот на книгата „Без алкохол – здрав живот“, Петре Стеваноски како и на повеќемина долгогодишни апстиненти, членови на Клубот .

 

 

semm
Vivafarm
Farma Dolneni