CSS Template

Да, потребна ни е ДРУГАРИЗАЦИЈА!

393
Avtokontrol1

Кога добив покана да се вклучам и да придонесам во рамките на проектот наречен Другаризација (https://www.facebook.com/drugarizacija/), без двоумење прифатив бидејќи сакам да придонесам во борбата против врсничко насилство.
За овој тип насилство за жал зборуваме само кога ќе се случи некој екстремен пример како претепано дете од свои соученици во училишниот двор или, пак, кога ќе се појави некоја онлајн игра која во соседството или светот земала како свои жртви малолетници кои ја играле.
Меѓутоа, колку деца секојдневно се соочуваат со вербални и физички закани и омаловажувања додека се на училиште, тренинг, часови по јазици или пак излезени во некој од трговските центри? Колку деца, пак, не се воопшто излезени од дома, ниту појдени во популарните кафулиња заради чувство на срам и страв кое им го предизвикале нивните врсници?
Колку деца се жртви на разни навреди додека се на интернет и колку од нас се свесни за масовноста на ваквите појави?
Бидејќи мене ако некој ми рече денес дека сум се здебелил, нема да ме навреди, туку ќе ме поттикне да намалам со оброците и да спортувам со цел да изгледам подобро и да го подобрам сопственото здравје.
Но, доколку на едно дете, неговите врсници, симпатијата или ученикот/чката кои се популарни во училиштето му речат „дебел“, „цвикераш“, „глупав“… може да доведе до многу несакани последици. Бидејќи друштвото, класот, училиштето, маалото се центарот на светот за едно дете. Затоа што интернет мрежите и онлајн пријателите се примерот и авторитетот за начинот на однесување и степенот на популарност на едно дете.
Ако се соочат со вакви појави, децата може да не сакаат да одат на училиште, да вежбаат или да излегуваат надвор. Некои деца моментално, а некои цел живот може да пелтечат, тие да тагуваат често без ништо да кажат дома… меѓутоа булингот или насилството може да остави трајни последици во нивното поведение и раст кон возрасни личности, да ги направи насилни, или, да ги натера да посегнат по себе и својот живот.
Сепак, најлесно е да покажеме со прст и да ги обвиниме децата. Но, факт е дека тие своето поведение го учат и стекнуваат од нас, возрасните.
Па, ајде да го покажеме прстот секој кон себе и да бидеме сојузници во правењето на детство кое ќе биде убаво за сите деца. Детство во кое тие нема да се разликуваат едни од други според облеката, социјалниот статус, етничката и религиозната припадност, фигурата и било кои други надворешни обележја и фактори.
Од овие причини, дефинитивно ни е потребна ДРУГАРИЗАЦИЈА! Затоа, се гледаме во Недела, 16.12.2018 година од 13 до 15 часот во Младинскиот културен центар во Скопје на настанот кој го организира Центарот за поттик на креативни потфати (ЦПКП).
Да зборуваме за врсничкото насилство, за сајбер булингот и сите други негативни појави кои со себе овие работи ги носат. Да не заборавиме дека промената започнува од секој од нас!
Бојан Кордалов, Специјалист за односи со јавност и нови медиуми

semm
Farma Dolneni
Vivafarm