CSS Template

Откупот на тутунот пред крај, остануваат „белите картони“ за новата сезона

571

Откупот на тутунот привршува, така што според последните податоци од терен на здруженијата, до денеска откупени се 24 илјади и 500 тони тутун. Како и што се очекуваше, откупната цена достигна близу 214 денари за килограм. Неофицијално остануваат уште околу 500 тони тутун за преземање од земјоделците, кои 90 отсто се во регионот на Пелагонија и тоа во 4 те општини Прилеп, Кривогаштани, Крушево и Долнени. Во секоја од овие општини поголемите откупувачи работат со по еден дежурен пункт. Според актуелниот Закон за тутун и правилникот за откуп, преземањето на ланската реколта ќе заврши заклучно со 15 ти март годинава. Инаку, Владата веќе го утврди најновиот текст на Предлог-законот за тутун, производи од тутун и сродни производи.

Предлог законот содржи поедноставна постапка за пријавување на производството на тутун со тоа што ќе се укине издавањето на евидентниот лист. Како што е предвидено тутунопроизводителите прво ќе склучуваат договори за производството и откуп на тутун, а откупувачот на тутун ќе има обврска да го внесе договорот во електронскиот систем за евиденција на тутун, а потоа внесените податоци да ги достави до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Се предвидува транспарентност во врска со содржината на договорот кој треба јавно да се објави најдоцна до 28 февруари во тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот и на локалната веб страна на откупувачот. Воедно, ќе се создаде можност за дополнително отворање на откупни пунктови во текот на откупот.

Годинава, сепак, евидентни листови или бели картони за планирано тутунопроизводство ќе има, а предвидената новина за нивно укинување ќе се тестира преку пилот проект кој што ќе опфати еден тутунски регион во Источна Македонија. За останатите тутунопроизводители во земјава уште годинава останува обврската за стекнување на бел картон,односно евидентен лист за планирано тутунопроизводство, кој што, и за новата производна сезона ќе биде неопходен услов за склучување на договори со откупните компании.
Постапката за стекнување на бели картони преку подрачните единици на ресорното министерство ќе започна пред крајот на месецов.

semm
Farma Dolneni
Vivafarm