CSS Template

„Дневникот на лудиот“ ја заврши турнејата во Македонија

359

Монодрамата „Дневникот на лудиот“, работена по текст на Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески, а во изведба на Бобан Алексоски ја заврши својата турнеја во Македонија. Претставата брои седумнаесет изведби, а во месец декември скопската публика ќе може да погледне уште една реприза на монодрамата во театар на сенки Сенки и Облаци Скопје. Гостувањата беа реализирани во рамките на проектот Нов културен бран при Министерството за култура.

Екипата вели дека со оглед на интересот на пролет претставата ќе гостува во сите други градови каде што до сега публиката немаше можност да ја погледне. Инспирацијата за оваа идеја дојде токму од овие гостувања што сега со проектот се случија во Струга, Богданци, Куманово, Кочани, Штип, а претходно претставата гостуваше и во Битола, Прилеп, дури и во Албанија во Тирана каде што и беше прва реприза на претставата.

„Публиката надвор од Скопје сака многу театар и живее за театарот. Особено пријатно сум изненаден на реакциите за ваква камерна изведба како што е „Дневникот на лудиот“, која директно и непосредно контактира со публиката, како непосреден учесник во сцената. Коментарите и искрените аплаузи од љубителите на театарот, се поттик за работа, вели актерот Бобан Алексоски.

Наградуваната претстава предизвика две критики во текот на овие гостувања при манифестацијата Нов културен бран. Театарскиот критичар и актер Сашо Огненовски меѓу другото напиша: „Една од најблагородните компоненти на оваа монодрама е актеровата блискост со публиката која за време на претставата станува релевантен дел од нејзиното дејствие. Минувајќи низ редовите во таа клаустофобична просторија која е лична карта на френетичниот Аксентиј, Бобан на еден егзистенцијалистичен начин ја споделува својата мака со сите нас отворено барајќи наше мислење.“

Додека пак за изведбата во Струга, дел од публиката на социјалните мрежи напиша: „Ремек-дело и фантастична глума, секоја чест за младиот актер, му посакувам врвни театарски достигнувања, додека публиката има што да види, слуша, а и ги отвори своите хоризонти во и така тесното општество кон чија ограниченост пркоси само вечната храброст на слободното перо на драмската уметност и книжевноста- талентирано оживотворени на сцена!
До крајот на годината монодрамата е дел од репертоарот на „Театар Сенки и облаци“ во м декември, додека идната година освен гостувањата во сите други градови од државава претставата ќе земе учество на интернационални театарски фестивали.
Прилепскиот актер Бобан Алексоски, веќе наредниот месец со детска претстава ќе се претстави кај најмладите во Прилеп, Кривогаштани и Крушево.

semm
Vivafarm
Farma Dolneni