CSS Template

Со конзервацијата, ќе биде достапна и за посетители, античката населба Колобаиса,Трескавец

77

Кај манастирот Трескавец, во тек е проектот „Конзервација и реконструкција на откриените  археолошки траги од античката населба Колобаиса“. Воедно ќе продолжат и археолошките теренски истражувања на овој простор.

Директорот на Институтот за старословенска култура -Прилеп ,  доктор, Бранислав Ристески, кој воедно е и раководител  на археолошките истражувања на овој локалитет, потенцира дека со овој започнат проект би се ставила во функција за посетитилите оваа античка населба, што вклучува и реорганизација на пешачките приоди до манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец.

 

– Во истражувањата во целост ги откривме сочуваните остатоци од источниот бедем од античката населба Колобаиса и остатоците од средновековниот комплекс поврзани со втората зона на манастирот Успение на Пресвета Богородица. Археолошките и конзерваторските истражувања се дел од стратегија за целосно ставање во функција на археолошкиот комплекс Трескавец како дел од поширокиот комплекс „Маркови Кули“. Имено, со сите овие интервенции, а дел не бевме во можност да ги реализираме од финансиски причини, идејата е да ги изградиме периметралните ѕидови на античката населба Колобаиса, и дел  од објектите кои заслужуваат да бидат презентирани, кои што имаат можност да бидат ставени во функција, туристичка, со посетители и слично. Но, истовремено имаат и заштитна функција, бидејќи со нив се обезбедува заштита од пожари и животни. Тие две содржини се вградени, односно навестени со овогодинешните истражувања, кои за жал, поради реалната финансиска состојба можевме да ги реализираме само делумно, рече  Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура.

Ќе продолжи и превентивната заштита на комплексот Трескавец,  вели Илија Ристески, конзерватор советник.

– Конзерватоските работи се водат во правец на превентивни активности во југозападниот дел од обѕидувањето, источниот ѕид и источниот влез во терната. Главно се работи на превентивно заштитување, со заштитна фуга и спречување на содржините од распаѓање и создавање на услови за што поцелисходно изготвување на техничката документација со која би се ревитализирале одредени содржини, со што би се создале добри претпоставки за реконструкција на поедини сектори кои би придонеле заживување на манастирот и негова ревитализација.

Населбата Колобаиса потекнува од 2 век п.н.е.и беше откриена пре седум години, а со децении наназад научниците имаа само претпоставки за нејзиното постоење.

Со откривањето на оваа населба потврдено е и постоењето на монашки живот во манастирот во три фази од 12 до 14 век, и конаци што  датираат од 13 и 14 век. Откриени се 60 гробови во црквата “Успение на Пресвета Богородица‘ и 20 други на просторот од манастирскиот комплекс.

Проектот “Конзервација и реконструкција на откриените содржини од Античката населба Колобаиса, Трескавец“ е дел од програма на Министерството за култура за 2020 година.

 

semm
Vivafarm
Farma Dolneni