CSS Template

Од “дневникот “ на прилепскиот актер Бобан Алексоски ( ВИДЕО – ФОТО )

Го сакам прилепскиот театар !

402
Avtokontrol1

Да си ја отвориш душата на сцена не е лесно , но е најубаво ….таму во прилепскиот театар ја запознав миризбата и ги споив сите сетила со таа уметност….Вака би го започал разговорт со некогаш “последното џуџе Носле” а сега веќе пет години дипломиран актер Бобан Алексоски.

Театарот не знае за граници , тој е насекаде па дури и да не сте погледнале ниту една претстава и да не сте прочитале некоја драма.Ако го засакате театарот и се одлучите професионално да го негувате целиот свој живот  , тогаш нема бегање од штиците кои живот значат, тој останува магнет и едноставно ти го претскажува животниот пат.Така беше и со нашиот Боби кој од 2003 година па до денеска ужива во секој свој театарски лик и живее за секое театарско дело во кое,  тој,  се појавува. Алексоски е вистинска инспирација за секој новинар, затоа и ќе ви доловиме дел од нашето дружење на www.radiopela.mk.

Радио Пела : Кои се твоите почетоци и што за тебе значи театарот ?

Алексоски :  Моите први чекори се на сцената на прилепскиот театар кој ми значи премногу, уште во 2003 година во претставата за деца „Снежана и седумте џуџиња“ во режија на покоен Петар Димоски – Жмарата, претстава на редовен репертоар на театарот, го играв последното џуџе и се викаше Носле, претставата се играше неколку години и достигна околу 35 изведби. Тоа беше моја прва претстава и тоа во професионален театар. Интересно е што по 11 години од прилепската премиера тогаш како аматер а сега веќе професионален дипломиран актер повторно ми се случува претставата „Снежана и седумте џуџиња“ во режија на Димче Николовски овојпат на сцената на драмски театар Скопје, како редовна претстава од репертоарот за деца, а го играм последното џуџе но во оваа претстава се вика Клапчо. Уште поинтересно е што двајца исти актери, тогаш аматери заедно со Александар Степанулески, сега ассистент на ФДУ  и вработен во драмски театар играме и во денешната „Снежана..“ во друго време, во Скопје. Претставата редовно се игра секој месец по неколку пати, еве на пример до крај на месец Март претставата ќе брои 76 изведби.

Радио Пела : И покрај тоа што живееш во Скопје каде и дипломираше ти недостасува ли Прилеп и неговиот театар ?
Алексоски : Го сакам прилепскиот  театар затоа што таму ја запознав миризбата и ги споив сите сетила со таа уметност, жал ми е што до сега како дипломиран актер немам одиграно ни една премиера во театарот, мојата желба за таа домашна сцена и прва љубов е огромна, пред да дојдам на академија во Скопје имав одиграно 7-8 професионални претстави за деца и возразни. Во оваа прилика сакам да го честитам јубилејот на театарот и му посакувам една нова театрска зграда убава и да има многу можности и уште поголем успех.

Радио Пела : Во кои претстави се имаш појавено и зошто ја работиш оваа професија ?

Алексоски : Овој период времето ми е исполнето со три проби на ден, речиси секој ден, а денот завршува најчесто на работа, ноќна смена во ноќен локал, тоа е тоа мора да се преживува се додека стигнеш до таа плата  што веројатно еден ден ќе ја заслужам како актер со своја матична куќа. Се дотогаш ќе работам уште повеќе на својата професија, зашто уживам да ја работам. Од мојата прва професионална претстава како актер, студент на академија во втора година до сега имам 17 театарски, алтернативни, танц проекти.Во месец март имам нова премиера, како дел од приватна продукција на театар Златен Елец, кој го основаме овој месец со колешката Надица Петрова, исто невработена. Но за тоа би најавил во наредниот месец. Се работи за урнебесна комедија, со работен наслов „Не е тоа што мислите“ во режија на Ѓорѓи Ризески, со претставата се планирани гостувања во сите градови во државава, во Прилеп би гостувале непосредно пред театарскиот фестивал на пролет. Потоа претставите, „Дневникот на лудиот“ исто во режија на Ѓорѓи Ризески, се работи за  монодрама чија премиера беше во 2017 година, до сега претставата се има одиграно 19 пати, следната изведба е на 26ти февруари во Скопје во Театар Сенки и Облаци. Има посетено 8 градови, има учествувано на 4 театарски фестивали, има освоено 3 награди, награда за режија на БАТТИФ Тирана Албанија во 2017 година, награда за најдобар актер на БАТТИФ Тирана во 2017 година, награда за најдобар актер на ИТФ Лица без маски во Скопје во 2019 година. Се планира гостувања и учествувања на фестивали за монодрама надвор од Македонија.

Радио Пела : Имаш ли можеби филмско искуство  и  има ли Бобан  други активности во своето секојдневие , освен комуникацијата со публиката?

Алексоски :  Филмско искуство скоро и да немам, ми се случија неколку краткометражни филмови, имам епизодни улоги еве во последните два во продукција на ДАСТА АКАДЕМИЈА „Ама јас те сакам“ и „Услов“ кои на 19-ти Февруари ќе бидат прикажани во КОТУР во Скопје.Минатата година издадов аудио книга со мој глас за деца со оштетен вид ВЛЕЗ 3 А во продукција на Даста академија.Исто така во улога на наставник, демонстирам вежби по актерска игра со деца во Даста Академија.А последнава цела година по пауза од неколку години студентски театарски испити по режија играм еве веќе во 4 до сега од кои два се случија, а два се следни што треба да бидат овој месец. Магистерска претстава по режија “Хенри VI„ на  Марија Петреска, и дел од „Многу врева за ништо“ од Вилијам Шекспир, како испит по театарска режија на Тамара Стојаноска на ЕСРА.

Многу е важно да го сакаш она што го работиш а во исто време и да уживаш во тоа , зашто сепак енергијата и вложувањето пред публиката треба да допре до седиштата,  од каде со сигурност ќе го слушнеш крајниот епилог а тоа е аплаузот кој го стоплува срцето на актерот. Една таква “актерска фигура” во земјава е и Боби кој успешно го трасира својот пат , патот до уметноста, до совршенството во неа.Ти посакуваме многу успех , од се срце.

 

 

semm
Vivafarm
Farma Dolneni
seishin
Semafor