CSS Template

И Тутунски Комбинат ги отвори вратите за кооперантите, од наредната недела стартуваат сите откупни компании

342
Avtokontrol1

Прилепскиот Комбинат е втората откупна компанија која што се вклучува во предвременото преземање на актуелната реколта. Ресорниот министер  Арјанит Хоџа при посетата на централниот откупен пункт во Комбинатот денеска истакна дека не очекуваат поголеми проблеми при откупот на тутунот.

– Сум имал неколку состаноци и со откупните центри и со здруженијата. Сите откупни центри имаат обезбедено средства и затоа некој почнува порано, некој подоцна, но не подоцна од 1 ви декември, кога ќе започнат сите. Средствата се обезбедени, тоа што е договорено нема да остане ниту еден килограм. Нормално, свесни сме за сите потешкотии годината што ја минавме. Најважно од се’ во оваа ситуација е да ја запазиме Ковид состојбата, мерките и протоколите здравствени за да не се случи здравствен проблем, не дај боже некој заразен од Ковид па да се затвора цел пункт. Овој процес ќе се одвива до крајот на февруари, и нема да биде последен пат ова доаѓање, ќе го следиме цел процес на откуп, рече министерот Хоџа и повика да се почитува редот при предавањето на тутунот, бидејќи откупувачите имаат испратено до сите тутунари кога треба да го предаваат производството во откупните центри.

 Договорена количина меѓу откупувачите и тутунарите е 23 милиони килограми, а доколку има вишок, останува министерството да направи максимални напори за откуп и на дополнителните количини. Тутунски Комбинат ги обезбеди потребните финансиски средства и стартува со утврдена динамика на преземање слично како претходните години.

– Денеска тутунот се предава, утре кооперантот ќе ги има средствата на своите сметки. Имаме 21 пункт со 31 вага, наредниве денови ќе ги отвориме нашите пунктови и по населените места. На нашите кооперанти и на сите тутунопроизводители им посакувам добро здравје пред се’, бидејќи знаеме во какво време живееме и да ги почуваат здравствените препораки. Нашето е да вршиме реални проценки и обострано задоволство, рече Кирил Станкоски, генерален директор на Тутунски Комбинат кој што повика до кооперантите да ја почитуваат динамиката при носење на реколтата за да не се создаваат непотребни гужви пред пунктовите.

Комбинатот според договорите, традиционално има планирано откуп на околу 3 милиони кгр.

Дел од тутунарите беа незадоволни од проценката, а некои го враќаа производството, кое, според објаснувањето на вагата, било вишок според инсерцијата на бербата.

– И во најлошите години одело поарно, ова е катастрофа, 50 години ова не се случило, оти секогаш одело поарно, револтирано реагираше  еден тутунар на проценката.

– Донесов 430 килограми и проценет е повеќе на трета класа.  Тутунот го носам секоја година прв. До лани убаво одеа цените, ама годинава многу тешко. Се цени на четворка, на тројка. Години го работам тутунот  и знам како се цени, мора да биде мешан малку. Што ќе земеш, и од чаршија да земеш месото ќе биде мешано, вели Ваит Арсланоски, тутунар.

Од Сојузот на земјоделски здруженија, претставниците на тутунарите при вршењето на проценката на вагите велат дека се подготвени за стартот на откупната кампања.

– Ние доколку има нереална проценка ќе преземеме се’ што е наш домен преку поверениците: од оставање тутун за второстепени комисии, дури не дај боже, ако дојди до толку и ќе ги повлечеме поверениците, се’ со цел само да ги заштитиме тутунарите. Временските прилики не ни се наклонети за да може тутунот да се спакува за да се донесе од сите берби и да се види реалната проценка, вели Мендо Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија.

 Министерот не се согласува со констатацијата при почетокот на откупот дека има незадоволство од тутунарите за ценењето на вага, бидејќи смета дека е сеуште рано за такви генерални проценки.

– Не би се согласил, од проста причина што ова е вториот откупен центар што отвора. Не може да процениме  дека има проблем на самиот почетокот. Затоа оставам простор да видиме како ќе се одвива целиот процес. Реално, производителите, тутунарите се заштитени со тоа што имаат и повереници на вагите, а од друга страна секој што има проблем со вреднувањето на тутунот има можност да повика на второстепена комисија каде што е вклучено и Министерството за земјоделство и преку нашите луѓе ќе се направи втора проценка. И нема да дозволиме никој од производителите да биде оштетен, но реално треба да се почитуваат сите законски прописи и договори, нагласи ресорниот министер Хоџа.

Ова е втора седмица од почетокот на откупната кампања. Стартуваа први Сокотаб на 16 ти ноември , а веќе од наредната недела се очекува откупните пунктови да ги отворат и останатите 8 компании.


semm
Vivafarm
Farma Dolneni