ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Ко Че Тргни, Тргнато Е!

341

Пишува: Спиро Црне

                       

Без елка помина католичкиот БОЖИК

Граѓаните, жители на Прилеп и прилепско, од католичка вероисповед деновиве луто реагираат:  „Нашиот Божик го дочекавме без божиќен сјај во градот. Ниту елка, ниту новогодишни украси не засветија. Барем на плоштадот нешто да потсетуваше дека беше наш Божик!“ Зборуваат по прилепската чаршија дека нив градот не ги почитува, зашто нивниот Божик според грегоријанскиот календар, останал незабележан без божиќно украсување, срчиња, елки, лампиони и други украси .. Па, на шега велат  “Бог знае дали и за Нова година елката ќе светне, зашто откако е поставена железната арматура, пет дена работници работат, никако да ја осветли“.

И, Спиро шнајдер, човек од прилепскиот еснаф, долгогодишен мајстор во прилепската чаршија, додава: „Што ќе си посееш, тоа ќе си жнееш!

 

Лажни „бомби“

„Чему му се лажните дојави за поставени експлозивни направи т.н бомби  во училиштата прилепски“, се прашува прилепската чаршија. Прилеп и без бомби е отепан град.  Кому му е гајле за Прилеп, па дури и бомби да поставува во овој беден град, безживотен, без насмеани лица, без џагор?!  Град кој одамна е бомбардиран од немоќ,  од заспаност, од пасивизам и умор од лажни политички манипуланти и божем прилепски куќегрижници, како „Заспаната Трнорушка“, Марковиот град како дворец опкружен со трње во кој сите спијат во длабок маѓепсан сон. Па, сега на некому му ти дошло и ќе го бомбардира. Се смее чаршијата на ваквата „сериозност“ со бомбите! Па дури и на изјавите на големците дека мотивите биле геостратешки, политички или авантуристички? А,бре кој брка авантура со дојава за бомби? Лудаци само…!  Знае прилепскиот мудар еснаф дека ова се само „ лаги со опашки“, за некој моќник, власта да ја добие или пак некој моќник, за власта да не ја изгуби. А, и идни и други само за личниот џеб си се борат и го замајуваат народецот за да спие и да сонува, оти ако се разбуди во шише ќе ги напика сите. И, Спиро шнајдеро знае, и на ова одмавнува со рака, па  вели: „Ѓаволот ни ора, ни копа, само ги учи луѓето да се караат.

                         

Субвенционирани сметките за струја ???          

Дојде сметка за потрошена струја и на неа пишува „ Субвенционирано од Владата на Северна Македонија“. Пишува „субвеницонирање 73% “ и пример како ќе ни се субвенционираат сметките. И очите на Спиро му се отворија, но веднаш се затворија. ОТИ? Еми, на сметката пишува дека потрошил 915 за струја, за пренос 2700 и други додатоци за улично итн и  … се’ на се’ потрошил 5 620 денари,  па тој се прашува што ѓавол ќе е ова: „Потрошив  јас за едно сопче толку, или субвенцонирана е оваа сметка, или ова е само најава дека милата ми Владата ќе ми ги  субвенционира во иднина сметките за струја ?!“ Се чеша по главата Спиро и не му е јасно – дали потрошил 5 600 денари, дали за ноември потрошил 9 540 денари и Владата му субвеницонирала 73% од оваа сума или ова само е информација која му ја праќа милата Влада дека ќе му ги субвеницонира сметките во иднина и ќе му помага на народецот и нему?

Остана Спиро збунет и рече: Во сон се родив, со сон живеам, во сон ќе умрам!“

 

 И, една пофална!

Прилепчани засадиле дрвца, 4 000 садници, велат автохтони врсти (не ко оние палмине и јапонските цреши) бреза, врба, јасен, бор… Оти тоа тука успева на оваа плодна македонска почва и тоа треба да се сади. И, отишле да пошумуваат околу 300 луѓе, да садат дрвца  кај Алинци! Секоја чест. И убо, за пофалба! Белким дрвата побрзо че порасна за сечење. Ама, Спиро шнајдеро не разбра кога било пошумувањето?!  Вели: „И, јас сакав да одам. Сум учествувал на пошумување кај Езерото, на Шаторов Камен, Селце.. не’ викале, јавно че кажеше радиото! Ова, ете,  не разбрав! Снаата рече дека ги собрале и им рекле задолжително да ода на садење, ама не ми кажа дека можа и други да ода! Можеби не било за сите, оти на радио че кажеа ако требало да ода сите на пошумување!!!“

И, додава „Арно братство помило од богатство!!!“

 

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе