CSS Template

110 години од раѓањето на Кераца Висулчева

56

„Родена сум во Македонија, од дедовци и прадедовци Македонци и сакам да умрам во независна Република Македонија” , ова се зборовите на еден од основоположниците на современото македонско сликарство – Кераца Висулчева, која што е родена на денешен ден пред 110 години. Таа со своето творештво и љубов кон татковината остави длабоки траги во македонската култура и историја. Во својот животен и творечки пат храбро се спротивставувала на препреките за негирање на нејзината македонска национална припадност.

Кераца Висулчева – автопортрет

Кераца Николова Висулчева е родена на 7. април 1910 (според други извори 1911 година) во село Нестрам, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија. Во текот на Балканските војни (1913) и етничкото чистење на Егејска Македонија со родителите пребегала во Бугарија. Се школувала во Бургас, а во 1929 г. се запишала на Државната художествена академија во Софија. Веднаш по дипломирањето (1935) учествувала на првата изложба и ја добила првата награда и членство во Сојузот на уметниците на Бугарија. Работела како практикант во III софиска гимназија, а по завршувањето и на Педагошката академија (1940) станала учителка по селата во Пиринско, а во 1941 г. (по нејзина желба) учителувала во Женската гимназија во Скопје и излагала на групни изложби со македонските уметници.

Во текот на војната (1943), се враќа со семејството во Бугарија и останува да живее и работи во Пловдив. За учеството на изложбата на бугарската современа уметност во Државната уметничка галерија (1945) го добила највисокото признание „Св. Кирил и Методиј”.

Но поради манифестациите на националната ориентација, во 1958 г. била исклучена од Сојузот на бугарските уметници како „неблагонадежна” немала право ни да учествува на изложби, ниту пак да набавува сликарски материјали. Во 1961 година се пензионирала и повеќепати патувала во Франција каде учествувала на изложби во Западна Европа и добивала високи награди и признанија. Во 1989 година е вратена во членството на Сојузот на бугарските уметници.

„Куќата на Никола Јонков Вапцаров„ сликана во 1961 година. Спомен-збирка во сарајот во Ресен

По организирањето на изложбата „Современата графика во Македонија” во Пловдив (1992), се запознала со организаторите, а потоа и со претседателот на Македонија Киро Глигоров и направила постапки за враќање во својата татковина. Добила македонско државјанство во 1994 година и следната 1995 година се преселила во Скопје, заедно со целокупното зачувано сликарско дело (348 платна), подарено/завештано на македонската држава.

„Мајката на Никола Јонков Вапцаров„ сликана во 1961 година. Спомен-збирка во Сарајот во Ресен

Во 2002 година во Музејот на Македонија е отворена првата самостојна изложба (36 изложени слики), а во 2003 година во салонот на МАНУ е организирана импозантна ретроспективна монографска изложба од 77 платна (портрети, пејзажи, актови и др., работени во перодот 1933-1995), со монографски каталог од д-р Соња Абаџиева. По нејзина желба, во културниот дом „Драги Тозија„ во Ресен, во импозантниот и единствен дворец во Република Македонија познат под името Сарајот на Ахмед Нијази бег е сместена постојаната Спомен-музејска збирка „Кераца Висулчева” со што е исполнето и нејзиното завештание: „Родена сум во Македонија, од дедовци и прадедовци Македонци и сакам да умрам во независна Република Македонија”.

Кераца Висулчева заедно Лазар Личеноски, Димитар Пандилов и Никола Мартиноски е еден од основоположниците на македонското современо сликарство.

Кераца Висулчева почина во Скопје, на 13. јануари 2004 година.

Литература: Encyclopaedia Macedonica (Vol.1), Македонска академија на науките и уметностите, „Современост”, Quality Art Foundation …


semm
Vivafarm
Farma Dolneni