ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Арехолошки откритија во античкиот град Стибера како потврда за постоењето на Античка Македонија

488

Продолжуваат археолошките истражувања на античкиот град Стибера кај прилепското село Чепигово, како проект од годинашната проектна програма на НУ Завод и Музеј Прилеп, поддржана од Министерството за култура со 200.000 денари кој нудат нови значани докази за постоењето на културата на народите кои го осовјувале овој простор, како и за постоњето на т.н „македонската Помпеја“.

Благодарение на бројните пронајдени мермерни скулптури и бисти на видни граѓани и на божества, Стибера во науката е позната како „македонска Помпеја“. Оваа година самите ископувања се во мошне помал обем, затоа што фокусот е на подготовка на теренот за започнување на конзерваторски работи врз административната зграда на агората, целосно доистражена минатата година. На оваа агора беше пронајдена можеби најрепрезентативната биста кај нас досега, претстава на Фаустина помладата, жена на императорот Марко Аврелие кој владеел во средината на 2 век кога градот Стибера го имал својот зенит. Пронајдена е, исто така, за прв пат кај нас, мерна маса за определување на количините на течни продуктикои се продавале на агората.

 

„Во наредните неколку години со реализација на конзерваторските активности би требало агората да добие изглед каков што заслужува и заедно со соседниот храм на заштитничката на градот – богинката Тихе, да претставуваат компактна целина како репрезентативен сегмент од акрополата на градот Стибера. Но, сепак, иако ископувањата се мали, и тоа на места каде подното ниво на римскодобната агора не е сочувано, дојдовме до постариот хоризонт од егзистирањето на градот, а тоа е времето на македонските антички кралеви. Всушност, Стибера е спомната во неколку изворни антички записи кои ја поврзуваат со времето пред доаѓањето на римјаните. Два од нив се однесуваат на последните македонски кралеви, таткото и синот, Филип 5 и Персеј, кои на преминот од 3 во 2 век пред нашата ера и на почетокот од 2 век п.н.е., војуваат против римјаните. Античка Македонија била единствена држава во тоа време која повеќе децении успешно ги одбивала продирањата на римјаните во овој дел од Балканскиот полуостров. Се водат вкупно три македонско – римски војни. Во едниот запис се споменува римскиот војсководец Сулипкиј, кој за време на втората војна во 200 година п.н.е., при повлекувањето од областа Линкестида (денешна Битола) накратко се задржува во Стибера, каде неговите легии се снабдуваат со потребните намирници, меѓу другото и со жито. Пелагонија во сите временски епохи, од праисторијата, преку антиката, па се до денес, е позната плодородна котлина. Во вториот запис кој се однесува на третата и последна македонско – римска војна, е запишано дека последниот македонски крал Персеј токму во Стибера, извесен период во текот на 169 година п.н.е. го стационирал својот воен штаб. Покрај што командувал од градот во борбите против римјаните и нивните сојузници Илири во западна Македонија и денешна Албанија, кралот презема и еден поход до градот Ускана (денешно Кичево). По успешниот поход, тој се враќа во Стибера со заробени Пенести, илирски сојузници на римјаните, и во градот ги продава како робови, што било вообичаено за тоа време. Со малите по обем овогодинешни истражувања, сепак откриваме скромни остатоци од градби од тој македонски период на егзистирање на Стибера. Сочувани се само во темели затоа што врз нив подоцна биле подигани римските градби. Но, значењето на нивното откривање е тоа што на самиот терен се потврдува македонскиот хоризонт на градот.„ раскажува Душко Темелкоски, археолог во НУ Завод и Музеј – Прилеп, посветен на истражувањето на овој локалитет од непроценлива вредност за постоењето на македонскиот идентитет.

Во движните наоди од овој предримски период доминираат наодите на фрагментирана садова керамика, а се евидентирани и земјени тегови и неколку метални наоди. Највредни се двата калапи од глина, едниот за луксузна чаша за пиење на вино со декорација од бршлен, додека другиот калап е за изработка на теракотна претстава на Херакле во борба против Немејскиот лав, еден од подвизите на овој митолошки јунак, предок на македонската античка кралска куќа, велат археолозите.

Инаку, градот Стибера постоел од 4 век пред нашата ера кога владееле македонските кралеви, до крајот на 4 век кога Римската империја постепено ја губи својата сила под налетите на варварските племиња од средна и северна Европа. Најголемиот процут го има во време на царскиот императорски римски период во 1 и 2 век. Од тоа време откриени се гимназион, храм во кој се почитувал култот кон императорите, храм на заштитничката на градот, богинката Тихе, работилница за изработка на керамички ламби и теракоти, дел од собранието на градот и административна зграда од агора (главен градски плоштад – пазариште), прво откритие од овој вид во Република Македонија.

 

Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

error: