ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Одбележани 120 години од раѓањето на Стале Попов

342

Во организација на Градската библиотека  Борка Талески Прилеп денеска беа одбележани 120 години од раѓањето на Стале Попов (1902 – 1965), македонски раскажувач, романсиер, еден основоположниците на современата македонска литература. Во присуство на градоначалникот Борче Јовчески, заменик градоначалникот Ирена Стерјоска, претставници на ДНУ Прилеп, граѓански организации и почитувачи на ликот и делот на Стале Попов на тема „Стале Попов, фолклорот, усноста и драмата на писмото во македонската литература“ говореше проф. д-р Наташа Аврамовска од Институт за македонска литература.

„ Првиот роман Крпен живот, иако е подоцна побликуван, според мене книжевно го обработува мотивот на усноста. Стале Попов се јавува во момент кога целото општество се труди да ја достигне писмената парадигма на постоењето. Тој е осамен во тој миг, бидејќи било храброст да се пренесе кодот на усноста во период на социјализам. Кодот на усноста е паметење, ритам, повторување бидејќи повторувањето има ехо ефект и има пријатност. Стале Попов е раскажувач кој акустички го внесува говорот на усноста. Нашета културна драма е драмата на писмото, бидејќи ние долго време немаме стандарден јазик и други ја раскажуваат нашата историја. Ние и до ден денес го имаме проблемот на докажувањето, посочи во своето излагање Аврамовска.

Градската библиотека „Борка Талески“ има 70 монографии од Стале Попов, од кои 68 напишани на македонски јазик, една на есперанто, еден превод на српски јазик, а се појавува и како секундарен автор како преведувач на дела од српски и бугарски јазик

– Успеваме да најдеме во нашата роднокрајна поставка и едно дело во кое се преведени негови раскази и на ромски јазик. Нашата библиотека има таква среќа да има и поезија напишана од Стале Попов. Оддавајќи почит на ваков начин ние оддаваме почит не само на Стале Попов, не само на нашиот ген, на нашиот код, на нашиот идентитет, на нашиот јазик дозволуваме да живее сето духовно и културно нематеријално наследство создавано низ вековите, посочи Моника Талеска директор на Градската библиотека „Борка Телески“ Прилеп.

Градоначалникот Борче Јовчески порача да продолжиме да го негуваме нашето културно наследство, а особено да продолжи грижата за македонскиот јазик.

– Му оддаваме почит на нашиот сограѓанин Стале Попов со негувањето на нашите традиции, со негувањето на нашиот говор и стандарден македонски јазик. И тоа, во времиња кога сеуште се живи сеништата од минатото и кои што упорно фрлаат сенка врз она што значи наш македонски код, идентитет, самобитност, опстој низ вековите, посочи Јовчески.

Чествувањето на делото на Стале Попов по повод 120 години од неговото раѓање беше збогатено со актерска изведба на извадоци од неговите дела на прилепските актери Марија Спиркоска Илиески, Игор Трпчески и Андон Јованоски.

 

Животен пат на Стале Попов

Стале Попов (1902-1965) е македонски раскажувач и романсиер. Роден е на 25 мај 1902. година, во с. Мелница, Мариово. Произлегува од селска средина. Неговите стари, по традиција, биле земјоделци, но меѓу нив имало и школувани. Уште како дете бил сведок на тешкиот живот на своите соселани, кои живееле ропски живот под турските аги и бегови како обесправена раја. Неговите биле малку поимотни и културно поиздигнати, зашто од нив имало и свештеници. Основно образование завршил во с. Витолиште (Мариовско). Започнал да учи гимназија во Прилеп, а завршил богословија во Битола и Теолошки факултет во Белград. Сепак, тој никогаш не се запопил, а пред Втората светска војна работел како земјоделец, дрвар, овчар, трговец, бакал, службеник во тогашната Народна скупштина, општински чиновник, шумар, тутунски работник. Во текот на НОБ го помагал партизанското движење, додека за време на бугарската окупација на Македонија бил интерниран во Неврокопско (Бугарија). По ослободувањето на земјата Стале Попов станува претседател на Околискиот народен одбор во Прилеп, потоа работи како управник на Шумската дирекција, за на крај, се до пензионирањето, да и се посвети на педагошката дејност како професор по македонски јазик во Прилеп и Скопје. Починал во Скопје на 10. март 1965. год.

Творештво

Во текот на својот живот започнал уште многу рано да пишува, но како писател се оформил непосредно по ослободувањето. Првите раскази “Мице Касапче” и “Петре Андов” ги објавил во списанието “Современост”. Вистинска литературна афирмација доживеал со својот прв роман “Крпен живот” (1953). Веднаш потоа напишал цела серија свои дела и станал еден од најплодните романсиери и раскажувачи на нашата македонска литература. Следната година го издал вториот дел од “Крпен живот”, како и “Опасна печалба” (1954). Две години подоцна го објавил романот “Толе Паша”, а потоа и “Калеш Анѓа” (1958), “Дилбер Стана” (1958), “Мариовскиот панаѓур” (1961), “Мариовски раскази” и “Итар Пејо” (раскази). Во ракопис оставил богато литературно наследство од необјавена проза (раскази и романи). “Шаќир војвода” (роман), “Необично дете” (роман), “Доктор Орешкоски” (роман) и две збирки раскази.

Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

error: