CSS Template

Во Прилеп одбележани годишнините од смртта на Гоце Делчев, Пере Тошев и Јосип Броз – Тито

301

„Да го продолжиме аманетот на револуционерите, што го дале својот живот за слобода на оваа земја!“ Оваа е пораката од денешното одбележување на 115 годишнината од смртта на Гоце Делчев, 106 годишнината од смртта на Пере Тошев и 38 годишнината од смртта на Јосип Броз – Тито. Чествувањето започна со положување свежо цвеќе на споменикот на револуционерот Гоце Делчев во ООУ „Гоце Делчев“, каде почит му оддадоа делегации: од Општина Прилеп, Советот на Општината, прилепската организација на Сојуз на борци,политички партии и граѓани,почитувачи на ликот и делото на великанот.
„Во името на локалната самоуправа и на Советот на Општина Прилеп сакам да го честитам денешниот патрон празник на ОУ ‘Гоце Делчев’. Гоце Делчев е еден од најголемите великани во борбата на македонскиот народ. Денеска се навршуваат 115 години од неговата смрт. Денеска одбележуваме и два други датума, смртта на Пере Тошев, великан од Прилепско и 38 години од смртта на Тито. Сите тројца се великани,коишто одиграле значајна улога во македонска историја, основополжници на македонската државност и нивните идеали треба да ни бидат пример, за да го дадеме нашиот придонес во битката за градење на современа и европска иднина на градот и земјата“, порача Миле Талевски, претседател на Советот на Општина Прилеп.
ВД директорот на ОУ „Гоце Делчев“, Веле Ѓорѓиоски во својата честитка за патрониот празник, потсети на познатата мисла на Делчев.
„Ние преку нашите генерации ја спроведуваме гоцевата мисла: ‘Го разбираме светот, како поле за културен натпревар меѓу народите“, рече Ѓоргиоски.
Бројни делегации му оддадоа почит на револуционерот Пере Тошев. На неговото вечно почивалиште во дворот од црквата „Свето Благовештение“ и пред споменикот на Пере Тошев во старата чаршија положија свежи цвеќиња.
На денешен ден пред 38 години почина Јосип Броз Тито, доживотен претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, политичар од светски ранг, основан на третиот блок на неврзани земји.
„Денешниот ден е мошне значаен, зашто се одбележуваат најзначајните настани во нашата македонска историја. Гоце Делчев кој е оперативец, организатор на Илинденското востание, доследен револуционер и патриот за Македонија, воедно и Пере Тошев, кој е револуционер и член на Централниот Комитет на македонско-внатрешната организација. Денеска се наоѓаме во познатиот участак, во меморијалниот музеј „11 Октомври“,што е многу значаен за нашата историја во периодот од 1941-1945 година, а особено за Прилеп. Денеска значаен ден е и за Маршал Тито, претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославиј. Ние како ученици, студенти, работни луѓе од тоа време се сеќаваме на тие времиња. Тито е многу заслужен за македонскиот народ уште во 1940 год. на загребската зимска конференција кога македонската нација и народ е призната како составен дел на тогашна Југославија. А,постоењето и рамноправноста на сите народи е потврдено 1943 год. на Првото зеседание на АСНОМ“, истакна Круме Соколоски, претседател на прилепскиот огранок на Сојуз на борци.


semm
Vivafarm
Farma Dolneni
Penata