CSS Template

„Денови на македонската фотографија“ во Прилеп

457

Викендов, Прилеп е центар на македонската современа фотографија. Со проекција и изложба на фотографии од македонските автори, во Прилеп беа отворени 57. „Денови на македонската фотографија“, во организација на „Фото-кино клубот Прилеп“ и на Фото сојузот на Македонија. Проекцијата на македонски автори на фотографијата прво беше во градската библиотека „Борка Талески“, а во фоајето од Домот на културата „Марко Цепенков“ беше отворена изложба на 122 фотографии од педесет и двајца македонски автори. Според претседателот на Фото Сојузот на Македонија Кирил Штрков, ова е единствениот Фестивал кој прави пресек на делата на македонските фотографи.
Сашко Попоски, претседател на домаќинот, Фото-кино клубот Прилеп, вели дека има многу вљубеници во уметноста на фотографирањето.
– Целта на овие „Денови на македонската фотографија“ е развојот на македонската фотографија и унапредување на интересот на младите за да се вљубат во она што се нарекува фотографска уметност. Дел од манифестацијата е фото-сафарито што го организираме за учесниците кои може да направат посебни фотографии на повеќе локации во Прилеп и во околината што изобилуваат со природни и археолошки реткости, рече Попоски.
Поздравувајќи ја манифестацијата, прилепскиот градоначалник нагласи дека е голема чест на едно место да се видат уметничките дела на македонските фотографи.
-Несомнено во оваа група на македонски фотографи лежи иднината на оваа мошне значајна уметност. Моќта да привлече, овековечи убавини и спомени, да буди чувства и интерес ја прави доволно силна да даде значаен придонес во промоцијата и развојот на туризмот и економијата, рече Јованоски.
На манифестацијата беа доделени плакети и дипломи за најдобри поединечни и фотографии-колекции во повеќе категории. Владимир Арсовски кој преку 40 години се занимава со фотографијата и се закити со нависокото признание „мајстор на фотографијата“ смета дека македонската фотографија има свој пат кој ја задржал уметноста. Ги сака фотографиите направени во екстремни услови.
– Македонската фотографија си го живее својот живот и оди понатаму, можеби не во насоката на светските трендови, а ова го кажувам во позитивен контекст, зашто традицијата на фотографијата од екс-ју просторите и од источните земји која беше позната по врвната уметност е нишката која е задржана во Македонија. Признанието „мајстор на фотографијата“ е највисоко и е посебна чест. Милувам да снимам во поекстремни услови каде се бараат физичка подготвеност и издржливост. Најекстремните услови за снимање беа во Норвешка, над поларниот круг на над минус 30 степени и минатата година во Исланд, објаснува мајсторот на фотографијата Арсовски.
За учесниците, најдобрите македонски фотографи, денеска се организираше „фото-сафари“ низ Прилеп и околината, до Марковите кули, до селото Штавица и на повеќе локалитети со природна и археолошка посебност, примамливи како мотив за уметничка фотографија. Манифестација ја поддржуваат Министерството за култура и прилепската локална самоуправа.


semm
Vivafarm
Farma Dolneni