ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Искреноста, водилка кон целта, интервју со Ксенија Деспотоска, блогерка, инфлуенсерка

1.945

Подготви Ана Неданоска

      Со повеќе од дваесет илјади следбеници, корисници на социјалната мрежа инстаграм, блогерка, Ксенија Деспотоска е јавна личност, една од омилените инфлуенсерки во Македонија . Важи за успешна, креативна и иновативна блогерка, која несебично ја сподели нејзината приказна со нас. Во продолжение Ксенија открива нешто повеќе за модата, добрата фотографија и блогерството.

  1. Како го дефинираш поимот “инфлуенсер” и како се дефинираш себе си?

Поимот “инфлуенсер” го дефинирам како човек кој има некакво влијание на одредена група на луѓе. Искрено некако не го сакам баш овој поим, јас кога почнав не постоеше кај нас, но во секој случај тоа е еден интернационален збор, под кој спаѓаат сите луѓе кои имаат некакво влијание на социјалните мрежи. Себеси се дефинирам како една обична девојка која својата пасија си ја пренела на својот инстаграм профил.

 

2. На кратко, како започна твојата приказна и која е Ксенија зад камерата?

  • Мојата приказна започна сосема случајно, без никаков план. Едноставно тоа што го сакав го правев, луѓето го препознаа тоа и почнаа да ме следат во се’ поголем број. Бев многу среќна што можев да го работам тоа што го сакав и навистина многу се трудев за да успеам во тоа што го започнав. Патот не беше воопшто лесен, затоа што, бев помеѓу првите во Македонија кои започнаа да го прават ова и требаше долго време за да се расчисти патот пред нас, поради фактот, дека тогаш сеуште никој не знаеше за оваа професија, но на крај успеавме и патот е чист за секој нов што сака да се занимава со ова.
    Ксенија зад камерата е една најобична девојка.

3. Што беше пресудно да започнеш да ја споделуваш својата модна приказна на социјалните мрежи? 

  • Кога подобро ќе размислам, пресудни беа кампањите на B.U. и C-thru, тогаш имаше кампањи на одредени теми и ние требаше да се сликаме, имаше одлични награди, од кои првата награда ја освоив јас и некако тоа ми даде поголем мотив да пробам. Од тогаш, почнав да ја споделувам својата модна приказна на социјалните мрежи и не многу долго после тоа ја добив и првата соработка токму на кампања за B.U. Почнав со многу љубов и искреност, можеби тоа беше пресудно за да успеам.

4. Кои се позитивните, а кои негативните страни од тоа да се биде инфлуенсер? Како најдобро се поврзуваш со својата публика?

  • Ајде прво да одговорам на второто, најдобро со својата публика се поврзувам кога сум искрена со нив, кога сум достапна до нив и кога ме гледаат како една од нив. Додека на првото прашање баш сакам да се задржам, затоа што има доста што да се каже.
    Навистина да се биде инфлуенсер има доста позитивни страни, од типот: те следат доста луѓе, те сакаат, веруваат во тебе, ти се отвараат доста врати, имаш соработки, заработуваш, добиваш подароци и сл. Но сето тоа е само пакувањето кое ги привлекува луѓето да сакаат да го работат ова и да мислат дека е баш убаво и лесно. Но што се крие одвнатре, знаеме само ние кои се занимаваме со тоа подолго време. Понекогаш се чувствувам виновно што дозволувам луѓето кои ме следат да мислат дека јас сум секогаш средена, нашминкана, насмеана, среќна и си добивам подароци, си испробувам производи си се шетам, си се сликам и тоа е тоа, “ми цветаат рози“. За жал тоа е маската која ја има инстаграмот. Кога ќе ја тргнеме таа маска, јас понекогаш одам на кафе без шминка, во тренерки и патики со бушава коса. Поминувам низ тешки периоди и плачам, немам време да шетам и само одам до некоја локација каде што се сликам неколку часа, за да имам материјал за споделување и секако за да си ги завршам обврските со моите соработници. Кога се сликам, секој пат во викенд станувам во 4 часот наутро за да се подготвам за сликање, иако душата ми спие. Како и секоја работа и оваа работа си има своја тежина и не е лесна, но јас сум ја избрала и не се жалам за тоа. Тоа се работи што јас никогаш не сум ги прикажала на мојот инстаграм и затоа можеби луѓето обликуваат погрешна слика за сите нас, а понекогаш не се задоволни од своите животи мислејќи дека некој живее подобро од нив. Исто некогаш и јас правам, гледам други и се споредувам, а потоа сфаќам дека и со мене некој се споредува, а знам дека не е така како што изгледа. Еве еден пример, пред една година добив порака: „Што знаеш ти? Имаш пари, богата си, а јас во моментот немав ни 50 денари за кафе“. Не значи дека е среќен секој што е убаво облечен, не значи дека е среќен секој што патува три пати седмично, не значи дека е среќен секој што има многу пари или убави куќи и автомобили… Верувајте дека, сечиј живот си има одредена тежина и никогаш не завидувајте на некого на основа на тоа што го гледате, бидејќи ничиј живот не е совршен, не се материјалните работи секогаш богатство. Некој може и на вас да ви завидува на мирот и топлината на вашите души.
    Затоа не судете му на никого и не се чувствувајте помалку важни од никој, затоа што може вие имате нешто што некој нема. Најважно и најтешко во денешно време е да се биде човек, да имаме чиста совест, мир во душата. Се друго е минливо…

5. Што се е неопходно за добра слика? Каде ја наоѓаш својата инспирација, креативност и иновативност додека создаваш?

  • За да се создаде една добра слика има многу фактори кои влијаат на тоа. Пред се е добра подготовка, односно: фризура, шминка, планирање на локација, планирање на комбинација, добра светлина и сл. Една фотосесија си бара повеќе време. Мојата инспирација ја наоѓам најчесто на инстаграм, пинтерест и сл. Често си истражувам и си гледам слики на други блогерки, слики на брендови, модни комбинации и сл. Но понекогаш едноставно инспирацијата си доаѓа сама од себе, а кога ќе се случи тоа секогаш испаѓаат најубавите слики и комбинации. Понекогаш што може да смислам во еден момент, некогаш и една недела не би била доволна. Но во секој случај креативноста е секогаш присутна кај мене, само некогаш си ја затрупувам со непотребни работи.

6. Дали “инфлуенсер маркетингот“ има иднина на нашите простори и каде се гледаш од таа гледна точка?

  • Да, дефинитивно! Мислам дека инфлуенсер маркетингот како во светот така и кај нас има иднина. Но никогаш не се знае, што може да се случи во иднина, но креативноста што секој ја поседува никој не може да ви ја одземи и мислам дека секогаш може да ја пренасочите на друго место.
    Дали Инстаграмот е платформа каде ја гледаш својата канцеларија и во иднина?
    Па, да бидам искрена не. Инстаграмот секогаш може да ми биде како споредна работа, затоа што еден ден може да го снема. Но ова што сум го стекнала на инстаграм убаво би било да си го искористам во некоја друга сфера која ја сакам и тоа да биде мојата канцеларија во иднина, но ако постои сеуште инстаграмот и тој зошто да не?!

7. Според кои критериуми склучуваш соработки со македонските брендови?

  •  Немам некои посебни критериуми, едноставно склучувам соработки со брендови кои одговараат на мојот профил и оние кои јас знам убаво да ги претставам на мојата публика.
    Како професија, со која наидуваш честопати и на негативни коментари и критики, што е тоа што секогаш те “одржува“ да продолжиш да ја работиш оваа работа.
    Да бидам искрена секоја работа која ја правите во животот има луѓе на кои ќе им се допадне и на оние кои нема. Па така и оваа, ние сме одлучиле да бидеме на некој начин јавни личности и да си го пружиме нашиот живот на мета на негативци. Некогаш не ми е баш пријатно кога ќе прочитам некои работи кои ги пишуваат за мене. Но на крај на денот, јас знам која сум, и што сум, и не треба да ме боли тоа, што ќе каже некој што воопшто не ме познава, а и да земам да се докажувам и објаснувам, пак тој што не ме сака, нема да ме сака. Така што, фала му на Бога имам повеќе луѓе што ме сакаат и поддржуваат и тоа ме одржува да продолжам напред и за нив да бидам подобра.

8. Колку беше тешко да ја одржуваш твојата професија за време на карантинот и кризата со која се соочуваат голем број македонски брендови?

  • Па како и секаде така и кај нас доста се почувствува. Тој период немавме многу соработки, но тогаш пак имавме многу време за да се посветиме на нашите следбеници. Да правиме интересни содржини и секако да го пополниме нивното слободно време. Навистина ситуацијата што сеуште се случува не е воопшто наивна и се надевам дека што поскоро ќе заврши и сите ќе се вратиме на стариот живот, иако нема да биде се исто…

9. Неодамна на социјалната мрежа Инстаграм се појави и профилот ksenijsalittleshop, за што се работи, како дојде идејата и какви се коментарите од страна на твоите следбеници?

  • Да тоа е еден мој мал проект кој настана на барање на моите следбеници. Поради фактот дека постојано добивам облека, чанти и сл. Имам премногу што навистина не ми е потребно, па сакав да ја подарам на некој што му е потребна, но една девојка ми напиша порака, дека тој што нема не му е потребна чанта, ами пари, храна и сл. Па така заедно со моите следачи одлучивме, сите работи кои ми се нови, само сликани или еднаш носени да ги продавам на некој што ја сака модата, а парите што ќе се соберат од продажбата ќе ги донирам на некого кому му се потребни, па така сите заедно ќе направиме едно добро дело и ќе усреќиме некого.
    “Helping one person might not change the world, but it could change the world for one person” , ова е нашето мото по кое се водиме и можеби не е ова кој знае што, но секогаш се’ започнува со мали чекори, а и можеби тие наши мали чекори, за некого ќе бидат големи.

 

10. Што им препорачуваш на сите оние кои ја пронаѓаат пасијата токму во оваа професија, но се плашат да започнат?

  • На сите што сакаат да го започнат ова, а се плашат, пред се’ би им препорачала најпрво да размислат дали навистина го сакаат ова, и дали го прават од љубов или само поради тренд, пари, слава и сл.
    Доколку е второто да не почнуваат, тоа кратко ќе трае и нема да е успешно, бидејќи се познава кога не е искрено, а и ќе им здосади…
    А ако е првото, тогаш, да не се плашат да почнат, затоа секоја работа која што започнала со љубов и труд, вродува плод. Можеби не веднаш, но за почеток ископајте ја нивата, засадете плод, вложете љубов, труд, работете, имајте трпение, чекајте и еден ден само ќе ги видите ливчињата кои излегуваат од земјата. Тогаш ќе знаете дека сте успеале и дека се’ што сте правеле – вредело.

11. Каде се гледаш во иднина и дали надвор од нашите граници е опција за размислување?

  • Искрено никогаш не сум се гледала надвор од нашите граници. Јас многу сакам што сум тука, каде што сум, и се надевам дека и тука ќе си останам. За прошетки и патувања може, но за да живеам на друго место, не би сакала. Но, секако не знаеме што иде во животот. Бог ќе ни го покаже патот каде ние заслужуваме да бидеме.
Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

error: