Покрај од ОБСЕ, од странски држави, за следење на изборите се акредитирале 36 набљудувачи, иако бројот ќе расте со оглед дека не се истечени роковите. Од домашни, пак, досега се акредитирале само 29 набљудувачи од Центарот за безбедносни истражувања, споредбено со минатите избори, кога имало над 3.000 домашни набљудувачи.
Амбасадите на Холандија, Албанија, Унгарија, Државната изборна комисија на Црна Гора и Централната на Косово, се дел од досега акредитираните странски набљудувачи на претстојните претседателски и парламентарни избори во Македонија. На списокот се и претставници на Центарот за континуирани обуки во изборите од Молдавија, како и канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи – ИФЕС во земјава.
Мониторинг како и досега ќе врши и Канцеларијата за демократски институции и човекови права – ОБСЕ/ОДИХР од каде најавија дека за двојните избори ќе имаат 300 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи. Досега, од ОБСЕ/ОДИХР акредитации добиле 73-ца.
Досега, домашни набљудувачи има само во четвртата изборна единица, од вкупно шестте изборни единици. Центарот за безбедносни истражување, е единствениот што засега има акредитирани домашни набљудувачи и ќе врши мониторинг како домашен набљудувач во една изборна единица.
Инаку, пријавувањето набљудувачи започна од денот на распишување на изборите, а рокот завршува десет дена пред денот на гласање. Со оглед дека за претседателските избори гласањето е на 24 април, пријавувањето заврши на 13-ти, додека за парламентарните ќе трае до 27 април.
ДИК, пак, за седум дена од приемот на барањата треба да издаде овластување. Ако се земат предвид ваквите рокови, очекувањата се дека финалниот број на набљудувачи ќе се зголеми.
Според Изборниот законик, мониторинг на изборите може да прават домашни здруженија и странски организации кои се регистрирани најмалку една година пред денот на изборите и во чии статути е вклучено начелото на заштита на човековите права. Право да набљудуваат имаат и претставници на странски земји.
Кампањата за претседателските започна на 4 април и ќе трае до 22 април, кога ќе настапи молк во пресрет на гласањето на 24 април. За парламентарните избори таа ќе започне на 18 април, а ќе заврши на 6 мај на полноќ, пред гласањето на 8 мај.