ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

На домашна слава 12 мина се затруле со скара од Прилеп

713

Дванаесетте затруени од домашна прослава за „Свети Илија“ во населеното место Дупјачани сега се во добра состојба и со терапија се на домашно лекување, информира епидемиологот Горан Кузески од прилепскиот Центар за јавно здравје.

Се затруле од храна на домашната прослава на која биле вкупно 19 гости и сомнежите се дека тоа било од приготвена скара, порачана од прилепски објект. Од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Државниот санитарен и здраствен инспекторат информираат дека објектот каде се приготвувала храната е затворен додека не стигнат резултатите од анализите.

Како што објаснува епидемиологот Кузески, тие од прилепската болница уште вечерта на 2 август биле информирани за тоа дека лица се затруле на домашна прослава.

-Вкупниот број гости кои присуствувале на домашната прослава на слава се 19, од нив 12 се пожалиле на проблеми со дијареа, повраќање, гадење и мачнина. Осум од нив се прегледани и им е дадена соодветна терапија во инфективното одделение, две помали лица се прегледани и амбулантски се третирани во детското одделение и две лица во Итната медицинска помош. Нивната состојба е добра, испишани се и им е дадена терапија за домашно лекување. Денеска немаме нови пријави за нови лица затруени кои биле на оваа прослава, изјави Кузески.

Во текот на вчерашниот ден, епидемиолог од Центарот за јавно здравје, заедно со претставник од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат направен е увид во посочениот објект од каде била набавена храната.

-Направен е увид во посочениот објект од каде била набавена конзумираната храна, беше излезено на терен. Секој, во рамките на своите надлежности презеде активности при што се направени записници и се дадени предлог мерки. При самиот увид земени се мостри од храна за анализа кои се доставени до Институтот за јавно здравје во Скопје. Земени се и брисеви од вработените и од средината и се на аналиуза во Центарот за јавно здравје. Наредниве денови ќе има соодветни резултати, вели Кузески.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски вели дека по увидот е констатирано дека месарницата е во ред, но објектот до неа каде се приготвувала храната работел без дозвола. Објектот е затворен, а управителот ќе добие прекршочна казна.

-Инспекциските служби за храна и ветеринарство во текот на вчерашниот ден веднаш постапија по пријавата од Центарот за јавно здравје од Прилеп. Спроведовме вонредна инспекциска контрола кај операторот со храна, месарница „Харизма“ од Прилеп и објектот во кој се печело месото. Значи, биле пилешко месо и плескавици, а било послужено во домашни услови од каде некои лица пријавиле симптоми на труење со храна. Од контролата е утврдено дека месарницата „Харизма“ е регистрирана во Агенцијата за храна и ветеринарство, а објектот кој е одвоен од месарницата и каде се печело месото нема одобрение за работа, односно не е регистриран како економски оператор во Агенцијата за храна и ветеринарство. Нерегистрираниот објект каде се печело месото е затворен за работа, а на управителот за сторениот прекршок му е изречена глоба согласно со законот за прекршоци. Вработените кои се затекнати во објектот се упатени на вонреден санитарен преглед, земени се мостри од храната која се подготвувала во тој момент, тоа биле плескавици и брисеви од работните површини. Во месарницата не се утврдени недоследности, вели Бабовски.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат соопштија дека објектот ќе биде затворен додека не стигнат резултатите од анализите. 

извор: press24.mk

Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе