ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Одбележан Денот на независноста во Прилеп

578

Со полагање свежо цвеќе на Могилата на непобедените, Алејата на народните херои и споменикот „Жена борец“ во Паркот на револуцијата, на споменикот „Карпалак“, како и на спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Пере Тошев и Ѓорче Петров, во Прилеп беше одбележан Денот на независноста на Република Македонија, 8.Септември.
Честитајќи им го на граѓаните најсветлиот датум од современата историја на нашата држава, 8.Септември, градоначалникот Илија Јованоски истакна дека во сите 27 години независност, граѓаните секогаш го избирале вистинскиот пат за решавање на проблемите.
„Следните 27 години после референдумот од 1991 година, имаше многу предизвици, ама нашите граѓани секогаш го избираа вистинскиот пат и начин на решавање на проблемите. Во овој временски период се развиваше државата, се развиваше општеството, се разви демократијата. Денеска сме горди на Илинден, на АСНОМ, на референдумот од 1991, но сега треба да го направиме последниот исчекор што следи во наредниот период“, рече градоначалникот Јованоски во своето обраќање од Паркот на револуцијата.
Претседателот на прилепскиот Сојуз на борци, Круме Соколски, на младите генерации им порача да не ја заборават жртвата на илинденците и борците од НОБ, без кои немаше да ја имаме денешната слободна и независна Македонија.
„Прославувајќи го овој државен празник, се сеќаваме на денот пред 27 години, кога граѓаните на Македонија се изјаснија за самостојна и независна држава. Тој ден се исполни желбата на многу наши револуционери од минатото, преродбеници, комити, а благодарение на Народноослободителната борба и на партизаните, ние денеска имаме слободна, независна и демократска држава. Останува младите генерации да го почитуваат споменот на тие настани и никогаш да не заборават дека Прилеп во НОБ, но и во времето на преродбенското востание, дал славни родољуби и херои. Затоа, секогаш да го почитуваме овој празник, да ја почитуваме независноста на нашата држава, со сите институции, за еден подобар просперитет“, изјави Соколоски.
Покрај градоначалникот на општина Прилеп и претседателот на општинскиот Совет, цвеќе положија и претставници на Сојузот на борци, на политички партии и здруженија на граѓани.

Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

error: