ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Силвана Карбеска: Младоста, искуството и Раул, ќе ја однесат ракометната репрезентација до врвот на ЕП во Хрватска

1.153

Започна како џудистка и постигна најмногу во овој спорт во време кога спортот во Југославија го имаше своето вистинско значење. Но, тоа не беше доволно. Исклучителната спортистка со врвни предиспозиции за било кој спорт прилепчанката Силвана Карбеска – Зајчето, најголемите индивидуални успеси на теренот ги постигна токму со ракометот. Големите успеси во џудото како што се: вицешампион на Југославија и голем број медалји од меѓународни турнири, не беа доволни – немирниот спортски дух на Карбеска да остане само во овој индивидуален спорт. Врвна ракометарка, репрезентативка, а денес меѓународен ракометен судија, вработена во Ракометен сојуз на Македонија, како координатор за домашни првенства, М-р Силвана Карбеска – животот го посвети на спортот и ракометот и го преточи во професионална кариера изградена со голема љубов и жртвување. Токму од позиција на поранешна ракометна репрезентативка и актуелен меѓународен ракометен судија, можеби во моментов една од најкомпетентните личности за прашања поврзани со настапите на македонската репрезентација на ЕП во Хрватска и судиските одлуки на овој – најсилен досега континентален ракометен собир.

Радио Пела : Уште еден ногдаун натпревар со актуелниот европски првак – Германија. Ни избега ли победата од раце?

– Секогаш кога ќе одигравме добро со некоја голема репрезентација од типот на Германија или Данска, а ќе изгубевме или одигравме нерешено во финишот на натпреварот викавме: некој пред натпревар да ни понудеше нерешено-со двете раце ќе го прифатевме. Сега пред натпреварот со големата Германија влеговме да одиграме добро и да победиме. Слободно можам да кажам, за Македонија веќе нема големи противници ниту респект кон европски прваци и бронзени Словенци од Франција. Македонија може да се надигрува со секого, Германија се спаси од Македонија, а после натпреварот големата Германија се радуваше, а Македонија жалеше…зарем помислуваше некој на тоа???

Радио Пела: Дали беше очекуван овој резултат – три бода од првата фаза, на црвено – жолтата фаланга?
– Македонија прв пат оди со бодови во втората фаза и тоа со 3. Голем залак на парчето торта што го изедовме со апетит бидејќи имавме АПЕТИТИ за тоа. Цело е – кога има се, Македонија конечно има се:
искуство, младост, стратегија, селектор, поддршка (црвено – жолтата фаланга) – ова е формулата за успех.

Радио Пела: Три натпревари – три тешки и неизвесни борби до последните секунди- на што се должи тоа?
– Секој натпревар на нашата селекција е инфаркт натпревар и сеуште не можеме да се навикнеме на тоа, а можеби и забораваме веќе и со кого играме . Секоја репрезентација пласирана на ЕП е одлична. Секое ЕП е врв на ракометот бидејќи ракометот се игра во Европа. Репрезентациите се со висок квалитет; натпреварите мора да бидат инфарктни; секогаш ќе одлучуваат нијанси, а за тоа конечно имаме човек кој знае мудро да изнијансира на крај.

Радио Пела: Значи ли досегашниот успех зрелост на селекцијата или ова е резултат на мудроста и авторитетот на Гонзалес?
-Се чини дека овој човек ништо и никој не може да го изненади. Можеби навистина е тивок и смирен по природа, но мислам дека тоа е и резултат на неговата мудрост. Тој секогаш има комбинација и подкомбинација за секоја игра што следува. Синоќа ни приреди уште едно големо тактичко изненадување – рамно на бод – голем како планина.
Гонзалес го доведе Вардар до европскиот трон – ја носи Македонија полека и сигурно кон целта. Ништо не е случајно!

Радио Пела: Како ја оценуваш стратегијата на селекторот Раул Гонзалес во досегашниот тек од настапот на македонската репрезентација?
На почеток веќе кажав – цело е кога има се. Конечно сме цели и го имаме она што ни недостигаше…го имаме нашиот Раул.

Радио Пела: Кои се најслабите, а кои најдобрите места во македонската екипа?
-Македонија ја краси тимската игра, секој се бори за секого, секој игра за секого, секој покрива и го надополнува секого, во нашиот тим е тешко да се каже на која позиција сме послаби, а особено сега кога ИСКУСТВОТО игра рамо до рамо со МЛАДОСТА во нашиот тим. Талевски, Кузмановски и Пешевски, не се само млади ракометари кои можат на кратко да ги одморат “постарите“, тие се ракометари кои ја носат рамо до рамо победата на својот грб со останатите.

Радио Пела: Дали ја гледаш Македонија во полуфинале, и можеби во финале?
-Секој посакува да види медал на градите на овие момци, бидејќи тие навистина го заслужуваат тоа, но да останеме скромни и да оставиме работите да течат чекор, по чекор, како што вика големиот Раул. Ние направивме многу, сега останатите кои треба да играат со нас нека му ја мислат. Се докажа дека имаме селектор кој има стратегија и мудрост за се. Македонија во групната фаза е на прво место на табелата со 3-бода пред “големите“ Данска, Шпанија, Чешка, Германија и Словенија.

Радио Пела: Што мислиш за судењето? Натпреварот Словенија – Германија и новиот начин на делење на правдата со помош на модерната технологија отвори многу дилеми во ракометниот свет.
-Судењето е моја професија и само ќе кажам искрено – тешко е да бидеш судија. Кога си играч имаш само една цел и си сконцентриран кон тоа – да постигнеш гол или да го сопреш противникот да не постигне гол. Судењето е нешто сосема друго, овде во дел од секунда треба да донесеш правилна одлука, а во таа секунда истовремено се случуваат повеќе ситуации дури некогаш и на различен дел од теренот…Можеш да судиш 60 мин одлично и последните 30 секунди да зафркнеш бидејќи си превидел една од повеќето ситуации -како кравата и млекото. Да можам во моментов да бирам -би одбрала пак да бидам играч. Враќањето на ситуации не ми се допаѓа освен за една ситуација-дали топката влегла во гол или не, останатото ми е некако…не знам, едноставно не ми се допаѓа, како што не ми се допаѓаат и дел од новите правила. Но, што е тука, тука е…мораме да ги применуваме и не само ние, туку и заедно со играчите брзо да се привикнуваме кон нив.

Радио Пела: Се покажа дека кога станува збор за Европското првенство нема слаби репрезентации, но кои според тебе се фаворити, а кои се најголеми непријатни изненадувања?
-За мене фаворити на Европското првенство – нема. Токму Македонија го покажа и докажа тоа.

Радио Пела: Тешко е да се следи европскиот шампионат во домашна атмосфера, но доколку имаш шанса да бидеш дел од селекцијата, што би им порачала на нашите ракометари?
-Моите обврски кон работата и судењето, често пати не ми дозволуваат да бидам дел од овие големи натпреварувања но сигурна сум дека секој ракометар ја чувствува енергијата која доаѓа од неговата МАКЕДОНИЈА.
Би го замолила Бога да ги чува од повреди, а нив би им порачала да не менуваат ништо до крајот.
Горда сум што сум Македонка и што живеам во МАКЕДОНИЈА!

РАКОМЕТАРКА СО БОМБАРДЕРСКИ СПОСОБНОСТИ

Првите чекори во ракометот, Силвана Карбеска ги направи во некогашниот Тутунски Комбинат Прилеп, клуб кој е „главниот виновник“ што нејзината професионална кариера и ден – денес ќе биде поврзана со овој спорт. По најтрофејниот прилепски клуб Тут – Ком, ракометниот предизвик продолжува со прилепска Металотехника, а ќе следат: Вардар, Гевгелија, Богданци, Олимпик, Скопје, Кале Кичево.


Како резултат на бомбардерските способности на Силвана и нејзиниот експлозивен спортски дух, таа беше дел од последната кадетска репрезентација на Југославија (1991г) која го освои првото место на квалификациите за ЕП во Унгарија. Веќе наредните години со оформување на првите македонски репрезентации, Карбеска е редовна меѓу најдобрите во различни категории: прва младинска репрезентација – учество на Светско младинско првенство во Бразил, сениорска репрезентативка со учество на меѓународни турнири и квалификации. Малкумина можеби знаат дека постои дисциплина – ракомет на песок, каде Карберска исто така беше дел од најдобрата селекција на Македонија со учество на Светското првенство во Бразил.
Тоа е Силвана Карбескa – без дилеми, исклучителна спортска кариера посветена на ракометот.

 

Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

error: