ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Вистинска приказна за Рајската долина

988

Ден како во лето, топло, спарно, тешко, а нашата весела дружина остана гладна, растрчана со обврските. Го одминавме туристичкиот центар, одбегнувајќи ги сообраќајниот метеж, во потрага по паркинг. А гладот притискаше… Со секој изминат километар бевме се понервозни во надеж дека попатно ќе забележиме некое прикладно место каде би се одмориле и би ручале.

И ете кога господ сака, од некаде се појави натпис – знак РАЈСКА ДОЛИНА, просто човек да не му поверува на очите?! Зарем има такво место? Љубопитноста е чудна работа, ве води до целта без оглед на последиците. Ете така беше, и овој пат.

На 14 километри од Охрид кон Битола, кај Прентов мост се исклучивме од регионалниот пат, и на 700 метри,  водени од патните знаци ја пронајдовме РАЈСКА ДОЛИНА – рибник, рибен ресторан и прекрасно место за одмор, единствено од ваков вид во Македонија. Кога пристигнавме на посакуваната локација, на самиот паркинг искрено, местото не ветуваше многу, скриено во зеленило, грмушки и дрвја, како намерно засадени и поставени за дополнително да ја зачинат таинственоста.

Дрвено мовче не пречека пред влезот, кое што ни помогна да ја преминеме рекичката. Жубор како апче за спиење, чиста вода, миризба на езеро, а свежиот воздух ни ја дополни желбата за храна.

И само после неколку чекори по мовчето пред нас се отвори таа – Рајската долина. Ама знаете како – просто нема да поверувате дека има такво нешто кај нас: дрвени куќички, украси од дрво, ресторан во етно стил, покрај рекичката, уште една прекрасно уредена веранда покрај вода….зеленило, трева, дрвја …

Уф, колку убаво, колку ненаметливо, природно, прилагодено, како бисерче во сопствената дланка, место каде уште од првиот момент заборавате каде сте се упатиле, и кои беа вашите задачи и грижи. Единствено што пецкаше и потсетуваше зошто сме дошле тука е гладот, но и тој веќе почна да се предава пред рајските убавини.

Доаѓа келнерот кој пак, како да не пречека дома, пријатно и домаќински, ни понуди – она што ќе го задоволи нашиот сопатник од пред неколку часа.

„ Речна, охридска пастрмка или крап за ручек, повеќе видови салати, рибја чорба, ракиче, винце или сте за пиво?“-  запраша тој.

Ех, од каде да се почне? Од откривање на убавината околу нас или во уживање на храната?

Од двата рибника се гледаа рибите во кристалната вода, отскокнуваа и не „поздравуваа“ додека го чекавме салатчето, онака опуштени во амбиентот кој буквално не помести во некое друго време, во некој меѓупростор. Природниот амфитеатар не отсече од остатокот од светот, како лулка и тајно прибежиште.

Ресторанот Рајска долина по многу нешта се разликува од останатите рибни ресторани или пак рибници. Тоа не е класичен рибен ресторан, ниту рибник каде може да купите риба за да ја приготвувате дома.

Пастрмката се одгледува во автохтони, природни услови, без вештачка прихрана, а истото важи и за крапот.

Се е изградено од дрво, а објектот енергетски независен, нема довод на струја, која ја добива од соларните панели.

По салатата стигна нашиот избор – печена пастрмка со гарнир од компири.

Ама што да ви кажам, неповторливо вкусно, гастрономско задоволство, риба која се топи во устата, надополнета со бело вино, свежо ветре, мирис на планинско изворче и чиста езерска вода…

И по главното јадење, задолжително доаѓа десертот – охридска раванија, која верувам доколку ја вкусите исто така нема да ја заборавите.

А, амбиентот, тоа е посебна приказна – онака ненаметливо ако сакате да го истражите, ќе се сретнете со кокошки и патки. Јас имав среќа со фотопаратот да „уловам“ зајак кој припитомен во околината позираше без страв.

Не е доволно времето планирано за ручек на вакво место, верувајте! Природата ќе ве мами за да останете подолго, а како и не би било така кога станува збор за Рајска долина.

Во охридско негде, крај некое село, Рајската долина ве чека да ја посетите, да уживате во даровите на природата и да заборавите на се’ друго!

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе