СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

CSS Template

Заев на средба со прилепските стопанственици – инфраструктурата во фокусот

540

Средба со членовите на Регионалната стопанска комора вечерва оствари претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на која што присуствуваше и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на Советот на општина Прилеп Миле Талевски. Како што беше напоменато пред почетокот на средбата на „маса“ беа економските прашања од прилепско – битолскиот регион, подобро инфраструктурно поврзување, мерките кои се потребни за подобрување на бизнис климата.

– Денеска сме овде затоа што овој централен регион во државата каде што имаме сериозни компании кои што сериозно го полнат нашиот буџет и обезбедуваат плата за граѓаните, се извозно доминантно ориентирани и ја претставуваат нашата економска структура. Деталите пред се се однесуваат на административни проблеми кои што можеме да ги олесниме, тргнување на парафискалните давачки за кои што многу често зборуваме со претставниците на стопанските комори и компаниите. Воедно, компетитивноста треба да расте, затоа што младите треба да останат овде, да наоѓаат полесно работни места, потенцираше Заев на средбата со новинарите.

На крајот на месецов, од Владата ќе излезат со официјални показатели, напомена Заев, во врска со тоа колку мерката за поддршка на растот на платите е прифатена од компаниите, но и за останатите мерки за поддршка на стопанството.
Најгорливиот проблем сепак е патната инфраструктура, прашање што и вечерва го отвори претседателот на Регионалната стопанска комора Ирена Јакимоска.

– Денеска комората слави 98 години од своето постоење. Бројка која ја потврдува тежината на оваа институција, зашто се членови кои што носат дополнителна вредност на нашата држава, пораст и развој, а дефинитивно ако го има тоа, тогаш ќе имаме и подобра демократија. Нашиот став и нашиот разговор денеска ќе бидат во контекст на нашето декларативно застапување на интересите на она што е најважно- а тоа е инфраструктурата. Време е, навистина после 27 години да ја поврземе Пелагонија со остатокот на нашата земја и со нашите комшии. Во овој момент сме изолирани и мора да се фокусираме да ја вратиме Пелагонија онаму каде што беше, истакна Јакимоска.

Пред прилепските претставници од бизнис заедницата, вечерва претседателот на СДСМ Зоран Заев најави дека ќе го претстави идејното решение за автопатот Велес – Прилеп – Битола. Воедно, во делот на автопатските решенија, станувало збор за проект вреден над 600 милиони евра.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, подетално објасни до каде се градежните активностите на постоечкиот пат Велес – Прилеп – Битола, кои што треба да продолжат наредната недела.

– Почнуваме на патот од Дреново до Фариш со комплетна рехабилитација, тоа ќе биде од месец до месец и пол најмногу, доколку дозволат временските услови.Паралелно во март месец, бидејќи проектот е сосема на крај, денеска ме известија декаќе биде објавен тендер за трите ленти, на постоечкиот пат и дел средства има на делот каде што треба да се направи реконструкција, тие ќе бидат ИПА средства. Ова не го ветувам, туку гарантирам дека ќе се случи годинава. За автопатот Прилеп – Битола, тоа е техничко решение кое основниот проект го подготви Градежниот факултет Скопје и очекуваме таа да биде најбрзо завршена како идејно решение, со цел да се распише тендер за проектно решение. Важно за Прилеп е и тоа што од наредниот месец ќе се почне изградбата на патот од Штавица за Мариово и регионалниот пат од Битола , преку Тополчани за Прилеп, преку програмата на Македонија пат, рече Сугарески.

Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе