Покрај најавите за обилни врнежи од снег, локалната власт предводена од СДСМ на чело со градоначалникот Јованоски и оваа година се чини е изненадена од снегот, истакна на деншната прес конференција Никола Златески, претседател на УМС на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп
„Иако, за зимско одржување за сезоната 2020/2021 година е склучен договор во висина од 12 милиони денари, сепак Градоначалникот и службите во локалната самоуправа, целосно потфрлија и уште еднаш по којзнае кој пат го покажаа сопственото незнаење за тоа како да раководат со градот. Најголемиот дел од градските улици се целосно неисчистени, а за периферните делови од градот, да не ни споменуваме. За жал жителите на Општина Прилеп повторно се оставени на милост и немилост, затоа што надлежните не знаат како да реагираат согласно временските неприлики. Прашуваме, треба ли да се случи некоја посериозна несреќа за конечно да се сфати сериозноста од една ваква негрижа? Последиците од овој несериозен однос, имавме можност да ги почувствуваме особено во текот на вчерашниот ден кога движењето на пешаците и на возилата низ градските улици кои беа подмрзнати и неисчистени, беше крајно ризично и се одвиваше во хаотични услови. Можеби градоначалникот Јованоски, ја дополнил предизборната програма, па во неможност да ги реализира ветените проекти, ќе реализира проект со кој Прилеп го претвора во зимски туристички центар? Почитувани, локалната власт мора да сфати дека здравјето и безбедноста на граѓаните се на прво место. Успешноста на еден градоначалник се гледа токму во вакви услови. Токму затоа прилепчани ќе ви го испорачаат поразот на следните локални избори, бидете уверени во тоа“- рече на прес конференција Никола Златески, претседателот на УМС на ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Прилеп