Вработените во Еурокомпозит не отстапуваат од договорот со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Претставниците од синдикалната организација на компанијата денеска одржаа прес конференција на која потсетија на едно од барањата кое и по две седмици сеуште не е исполнето – а тоа е промена на раководството на Еурокомпозит, кое е под сомнение на финансиски малверзации. Дел од вработените се под постојани притисоци од менаџментот, вели Роберт Богданоски претседател на синдикалната организација на Еурокомпозит.
– Нам ни се исплатени средствата во висина од просечна македонска плата, штрајкот е ставен во мирување и ние одиме редовно на работа. На средбата од 6 март беше договорено дека истиот ден ќе биде променото раководството на компанијата и во наредниве 6 месеци да се решава проблемот. Ние си достоивме на зборот, го ставивме штрајкот во мирување и очекувавме дека во тие неколку дена ќе биде сменето раководството. Но, тоа не се случи до ден денеска, иако им дадовме рок од 2 недели. Иако пробавме во неколку наврати да контактираме со нив, од таму не добивме никакви конкретни одговори за смена на раководството. Сакаме да упатиме апел до Владата доколку не го сменат раководството во наредниве неколку дена ние сме принудени да постапуваме со активирање на штрајкот и повторни протести. Проблемот е што трпиме закани упатени кон најбунтовните работници со отказни решенија, се бараат причини за казнување, така што ние чувствуваме страв да не згрешиме нешто и со тоа да добиеме отказни решенија. Инаку, ние како синдикат со менаџерскиот тим немаме никаква соработка, потенцираше претседателот на синдикалната организација на Еурокомпозит Роберт Богданоски на средбата со новинарите.
За прв човек на Еурокомпозит 11 Октомври Владата го именува Александар Кузески во август минатата година.
– Ако оставката е нешто што ќе може да придонесе за успешно понатаму компанијата да може да продолжи да живее и воопшто работите да тргнат на подобро секако дека тоа е најмал проблем, за тоа не треба воопшто да се дискутира. Доколку некој дојде до ситуација некој да гарантира дека тоа ќе е нешто со што компанијата ќе тргне напред јас сум спремен на таков чекор. Инаку, за финансиското работење, за секој потпис стојам како генерален директор, за се што е потребно веќе сме во соработка со одредени институции и органи од државата и тоа е најдобро да го кажат тие. Инаку, се друго е во рамки на шпекулации и во нечиј интерес за мое лично и професионално оцрнување, одговара на обвинувањата Кузески.
Работниците ќе продолжат со остварување на своите работни обврски, но крајниот рок за решавање на сеуште отвореното прашање – смена на првите луѓе на Еурокомпозит е до четврток велат од синдикалната организација. За компанијата според договорот со вицепремиерот Анѓушев треба да се изнајде стратешки партнер во наредниве 6 месеци, но и да се подмират заостанатите долгови кон вработените, исплата на плати и придонеси.
претходна вест