Жителите од с.Дебреште “маки мачат“ со комарците. Писмено се обратија до нашата редакција и бараат помош од надлежните. Велат дека ситуацијата со комарците е алармантна и ги спречува во изведувањето на нивните земјоделски работи, бидејќи комарците ги има во рој. Во писмена реакција доставена до нашата редакција се вели :
„Ние сме земјоделци, тутунари, сточари. Работиме по цел ден по нивите и фармите и имаме голем проблем со рој комарци. Ситуацијата е алармантна. Користиме секакви средства против заштита што ги набавивме од аптеките, но не помага. Молиме за авионско прскање и уништување на комарците „ ни’ се обратија жителите од с. Дебреште, кои очигледно се соочуваат со голем проблем, а надлежните тешко го слушаат нивниот глас.
Тие ги повикуваат надлежните да помогнат. Бараат во нивното село да се испрска против комарци и тоа во неколку наврати, а побараа и авионско прскање.
Рој комарци ги напаѓаат стадата со овци и крави, се жалат сточарите. Велат дека од комарците, стоката не може да се нахрани, а комарците ги напаѓаат во рој и луѓето, па движење на земјоделците речиси е оневозможено по 18,оо ч. по нивите, каде во ек е бербата на тутунот. Земјоделците од с. Дебреште бараат спас и помош!
Инаку, Општина Долнени, на 6-ти јули 2023 година, преку соопштение, информира дека во сите села Центарот за Јавно Здравје – Прилеп , врши дезинсекција за уништување на комарците. Но, по се’ изгледа во селото Дебреште, дезинсекцијата не делувала! Луѓето навистина се соочуваат со голема мака!