И денеска, среда, 16 ти август, прилепските пензионери продолжуваат со протестите. Веќе деветти ден со истото барање за линеарно покачување на пензиите од 3 500 денари. Денешниот протест во Прилеп започна со оддавање почит со едноминутно молчење за пензионерот од Неготино кој беше жртва во сообраќајна несреќа патувајќи кон Скопје на централниот протест во понеделникот.
Незадоволството се продлабочува по остварената средба со ресорната министерка Тренческа по централниот протест во Скопје. Пензионерите ги отфрлаат квалификациите дека протестите се политички инструирани и најавуваат дека ќе бидат поригорозни.
„Да и се обратам на министерката што даде таква изјава. Јас за нејзе гласав и им се извинувм на овие пензионери овде што сум гласал, што сум гласал за нејзе. Значи, претходната министерка што беше сношти излезе на телевизија и кажа – може линеарно да се поткренат пензиите и нека не не лаже“, вели Ангеле Савески, пензионер.
„Одењето во Скопје мислев дека ќе вроди со плод. Ама, после она кажување и изјава на министерката дека не знаеме што бараме, толку ме изнервира. Ние овдека сите што сме собрани и сите од цела Македонија немој да мисли таа дека сме малоумни, дека не знаеме што бараме, дека само ни пикаат под нос дека сме партиски – да и’ кажеме – партија овде не мешаме, а кога ќе дојде партиски да гласаме, тогаш ќе и’ кажеме на министерката како се гласа и што се гласа. А сега ние овде сме како Здружение на пензионери, ќе си ги барме тие 3.500, па макар таа не’ правела и будали и ненормални. Не знам шо мисли женана, ами сите ние сме возрасни над 70 години. Јас точно знам што барам, само да можам да се дочепам до нејзе, а не сношти внучето од Германија ми вели, бабо дали ти требаат пари да ти пратам. И јас ќе ја молам, не’ клекнаа на колена, луѓе, на колена не’ клекнаа, не’ дотераа дотаму уште вака да просиме за тие 3.500 ден. Kако не се срaмат, та и овој овде што седи, а и тие таму. Не донесоа на рaбот на животот, на рaбот сме“, – кажа Билјана Шеќероска, пензионерка.
Протестите продолжуваат и утре пред седиштето на Здружението на пензионери во 10 часот.