Во пресрет на празникот, Денот на народното востание, 11 Октомври, 1200 ученици од основните и средните училишта го формираа македонското знаме на плоштадот „Методија Андонов- Ченто“ и предизвикаа воодушевување кај сите кои во тој момент присуствуваа на плоштадот во Прилеп. Со тоа градот херој и официјално ги започна одбележувањата на 82-годишнината од денот кога македонскиот народ се крена против фашистичкиот окупатор.
Целта на перформансот, во изведба на учениците е подигнување на националната свест, почитта и љубовта кон татковината, пренесувајќи на овој начин , симболична порака до сите граѓани на Македонија, за важноста на националните македонски симболи и во чест на борците -херои кои го дале својот живот за слободна и независна Република Македонија, велат организаторите.
Во пресрет на празникот, денеска, во СОУ Ристе Ристески – Ричко е откриен и мурал, насловен „Слобода во нашите срца’ а ДЛУ – Прилеп попладнево, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ ќе ја одржи традиционалната годишна изложба. Во градската библиотека „Борка Талески “ ќе се одржи прослава на уметноста и поезијата насловена „Октомвриска ноќ“ , а ќе бидат изложени дела на познатиот акдемски сликар, Сергеј Андреевски.
Централното чествување по повод 11 Октомври е на бината на плоштадот „Александрија“ од 19,оо часот. Таму ќе настапуваат: КУД „Пере Тошев“–Прилеп ќе има пригодни рецитали на ученици по повод празникот, музичко-сценски настапи, и пригодно обраќање на градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
Во 20.оо часот е традицоналниот огномет и импровизираниот напад на Участакот.
Утре, пак, по повод празникот делегации од Сојузот на борците, од Владата, Парламентот, од локалната самоуправа и граѓани ќе се поклонат и ќе положат венци и свежи цвеќиња пред спомениците на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, на Кузман Јосифоски-Питу, идеологот на Револуцијата, во центарот на градот, на Могилата на непобедените каде се моштите на 650 борци што ги дал Прилеп во НОБ и Револуцијата. како и на хероите во Алејата на народните херои во Паркот на Револуцијата, каде се наоѓаат бистите на 10 те прилепски народни херои.