11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

СВЕТЛАНА МИШЕВА ОВЕНЧАНА СО „ЗЛАТЕН ПТОЛОМЕЈ“ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ВО ХОЛАНДИЈА

Светлана Мишева вечерва имаше чест да го облече „мантилот на македонското достоинство“ и стана почесен претседател на Македонската заедница во Холандија.

Низ ѕвуците од Јохан Штраус (помладиот), холандски и македонски незаборавни евергрини кои ги слуша и пее секоја генерација, денеска во близина на Ротердам македонската активистка Светлана Мишева беше овенчана со Награда за животно дело од Македонската заедница во Холандија која организираше прием по повод нејзиниот 80 роденден. Таа е единствен одликуван граѓанин од македонско потекло во Холандија и пред 15 години стана член на Редот Оранје-Насау за нејзините заслуги и придонес во холандското општество. Македонската заедница во Холандија годинава одбележува и 3 децении од воспоставување на дипломатски односи меѓу Македонија и Холандија.

Наградата „Златен Птоломеј“ се доделува за исклучителни заслуги во афирмација на македонската култура во Холандија. Наградата го носи името по македонската Птоломејска династија која владееше со Египет и чиј штит се чува во археолошкиот музеј Алард Пирсон во Амстердам.  

Светлана Мишева (со група играорки од „Орце Николов„) во македонска народна носија фотографирана за списанието „Атланта„ во Италија во 1962 година

Светлана Мишева е голем промотор на Македонија од својата рана младост како активен член на фолклорниот ансамбл „Орце Николов“ и во 60-тите години на минатиот век настапувала на скоро сите фолклорни фестивали низ целиот свет. Непосредно по земјотресот во 1963 година работела во тимот на јапонскиот архитект Кензо Танге во изградбата на Скопје и на повик на ансамблот „Орце Николов“ повторно заминала на турнеја во Америка, но овојпат во хуманитарни концерти и собирање помош за обнова на македонскиот главен град.

Во Холандија живее од 1971 година и таму помагала на бегалци, сиромашни и болни за чија хуманост, посветеност и грижа е одликувана во 2009 година. Светлана Мишева имаше чест да го облече „мантилот на македонското достоинство“ и стана почесен претседател на Македонската заедница во Холандија.

 

 

Врачување на одликувањето во 2009 година од градоначалникот Херман Јонкер

 

Светлана Мишева

Светлана Мишева во експозето се заблагодари на сите кои одиграле важна улога во нејзиниот живот и инспирација да бидеш на страната на правдата и го цитираше Неговото величество кралот на Холандија Вилем-Александар кој минатата година за првпат се извини кон жртвите на ропските системи од минатото во кои биле вклучени и неговите претци и повика да се бориме против расизмот. Мишева рече дека се чувствува повикана и верува дека еден ден ќе доживее да го чуе тоа и од нашите поробувачи во минатото и негаторите на нашиот идентитет од денешницата. Таа упати апел до Македонците во Холандија и во светот да не се откажуваат од својата културна и идентитетска борба бидејќи (според М.Л.Кинг-јуниор) „човекот умира тогаш кога одбива да се застапува за она што е правда и за она што е вистина. Мишева на крајот ги повтори зборовите од Мајка Тереза: „Доброто што го правиш, утре ќе биде заборавено. Но сепак направи го!“

На денешниот настан музичкиот дел од програмата беше одлично изведен од познатата македонска пијанистка Цветанка Созовска која живее и работи во холандската престолнина Хаг.

За славеничката Мишева зборуваа поранешниот градоначалник на Хендрик-Идо-Амбахт Херман Јонкер во чиј мандат беше доделено одликувањето, госпоѓа Класине Шеле која ја номинираше Светлана за да се здобие со државно одликување и Георги Гоце Дуртаноски го презентираше нејзиниот живот со проекција на фотографии од најзначајните етапи од нејзиниот живот кои оставиле трага кај неа и кај другите.

„По А. ден Долард, Светлана Мишева е втората алка на поврзаност меѓу Македонија и Холандија, а на меѓународен план по Мајка Тереза и Есма Реџепова, Мишева е трета личност од Македонија одликувана за хуманост и општо добро“ – истакна нејзиниот биограф Дуртаноски.

Евровизиската претставничка на Холандија од 1969 година Лени Кур беше исто така беше дел од програмата.

Преку видео-пренос на настанот се обрати и познатата холандска музичка ѕвезда Лени Кур која во 1969 година беше евровизиски претставник на Холандија и една од победниците која се здоби со Гранд При на Песна на Евровизија во Мадрид. Лени Кур упати прекрасни зборови до Светлана Мишева и евоцираше спомени од нивната средба во 1971 година и ја отпеа евровизиската „Трубадур“. На настанот присуствуваа претставници на македонската амбасада од Хаг, македонската црковната општина од Утрехт, претставници на македонската академска заедница во Холандија и македонски активисти од Германија, Франција и Белгија.

Како што ни изјави Илија Талески од Македонската заедница во Холандија, „ова беше еден несекојдневен настан за Македонците во Холандија кои оддадоа почит на досега единствената одликувана Македонка во Холандија чиј придонес во афирмација на македонската култура во Холандија има големо значење за сите нас. Светлана Мишева е алката која ги спојува Македонците во Холандија од сите генерации и од сите нивоа.“

Врачувајќи  ја Наградата за животно дело „Златен Птоломеј“ од име на Македонската заедница Илија Талески рече дека „таа заслужено се дава на личноста со најдолг стаж за македонската кауза односно над пет децении посветеност во различни области овде во Холандија. Со оваа награда Светлана Мишева воедно станува и почесен претседател на Македонската заедница во Холандија“ истакна Талески.

 

Би можело да ве интересира

Следува зголемување на бројот, Прилеп е во втора фаза со многу нетипични случаи на корона вирус!

Гордана Цветаноска

Во Градската библиотека се отвора прва трајна поставка на дела од прилепските уметници

Пела Редакција

Тамара го откажа настапот на Пивофест

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе