-2.2 C
Прилеп
недела, 22 декември, 2024
Пела Радио

Локалното новинарство во Прилеп „на колена“

Прилеп, еден од поголемите медиумски и новинарски центри во Македонија денес ја губи битката во информативниот простор. Пионерските чекори од осамостојувањето на државата со отворањето на една од првите телевизии во Македонија „Независна телевизија Прилеп“, првото  приватно радио „Радио Соник“ , во градот со традиционално голем интерес за новинарството како професија, со најмалку 20 дипломирани новинари, денес се соочува со голем предизвик – опстој на локалните медиуми, новинарската професија да биде достоинствна и почитувана професија, атрактивна за младите.

Во Прилеп згаснуваат локалните медиуми, а нема интерес за подмладок во новинарската професија во веќе постоечките радија и локалниот неделник Зенит. По затворањето на ТВ Канал Визија веќе 6 години во Прилеп нема локална телевизија, а од почетокот на годинава се угаси и локалното Радио 5. На една рака се бројат новинарите кои следат дневни локални настани. Но и големите национални ТВ медиуми Прилеп не го ставаат во дописничката мрежа. Само МРТВ и две комерцијални национални ТВ: Сител и Алфа го покриваат регионот со новинари и камермани.

На што се должи ваквата состојба и како со новинарската професија да се  привлечат младите?

Анета Цветаноска е најмладата колешка која работи во локалното радио Холидеј како водител и новинар. Таа решението го гледа во „законски измени, одредени гаранции од државата и општината за опстанокот на локалните медиуми со што би се обезбедиле економска сигурност, повисоки плати на медиумските работници,“ вели Цветаноска.

За да се привлечат младите во новинарството  треба повисоки плати и  сигурна иднина

Сегашните услови во кои  функционира новинарството се: еден вработен да извршува повеќе задачи во медиумот, што пак влијае на квалитетот на работата, а со тоа и на квалитетот на информациите кои ги добиваат граѓаните. Доколку не се направат покрупни чекори за поддршка на локалното новинарство, во иднина можеби и ќе нема локално новинарство.

За да се привлечат младите при изборот на професија во новинарството најпрво треба да се подобри сегашната состојба во веќе постоечките медиуми. Сликата која ја гледаат и која веќе долго им е позната не им гарантира сигурна иднина. За опстанок на локалните медиуми потребни се законски измени кои ќе овозможат менаџирање, непречена работа на медиумите и медиумските работници и кои ќе гарантираат заштита на нивните права.

„Со намалениот интерес за новинарството не губи само фелата, туку уште поважно – губат граѓаните,“ вели Каролина Дурло, новинарка со над 3 децении искуство во повеќе медиуми, денес дописник на ТВ Алфа од Прилеп. Повеќегодишната битка за повисок стандард, за пристојни услови и плати веќе ги измори новинарите кои ја напуштаат професијата :

Уништувањето на локалните медиуми, го урниса новинарството како професија 

Ако некогаш важеше паролата дека локалните медиуми се расадникот на новите професионални новинари, што беше и неприкосновена вистина, денес, со полно право, но и оправдана загриженост можеме да констатираме дека уништувањето на локалните медиуми, комплетно го урниса новинарството како професија. Во Прилеп, кој беше еден од пионерите во освојувањето на медиумскиот простор, состојбата е повеќе од очајна. Таа е катастрофална. Останати се само неколку приватни радија кои жилаво се борат за и тие да не го стават катанецот, локалната ТВ веќе 6 години ја нема, единствениот печатен неделник дише на шкрги, а интернет-поратлите, кои најчесто се „човек-медиум“, мака мачат да бидат професионални. Просечната возраст на неколкуте се’ уште активни новинари е 55 години, а нов кадар – нема ниту за лек. Ужас без крај од кој придобивка имаат само новопечените политички функционери кои ете, стануваат и новинари, па лично објавувајќи си по социјалните мрежи само она што ним им оди во прилог, бескрупулозно го „осакатуваат“ народот во восприемањето на вистината.

Доколку продолжи овој тренд на осмислено уништување на локалните медиуми, за брзо време ќе нема ниту кој да пишува, ниту кој да прашува. Информативниот мрак ќе ја покрие светлината на вистината.

Се’ додека заедницата, локалната и државната, еснафските здруженија, бизнис-секторот не станат свесни дека новинарството без нивната поддршка и соодветна професионална почит не може да опстане, новинарството секојдневно тивко ќе продолжи да си умира на очиглед на сите.

„Новинарите не продаваат басма, па да ја продаваат на метро, туку креираат јавно мислење, презентираат состојби, се конфронтираат, неретко заради туѓи интереси и продобивки…А тоа си има цена, која во никој случај не смее да остане во рамките на мизерна социјална помош. Во спротивно, ќе треба да почнеме да им ја градиме гробницата и на локалните медиуми, и на новинарството како професија воопшто. Маргинализирани и понижени, уценети и притиснати, новинарите ќе мораат да го положат „белото знаме“. И не од што сакаат или од што се плашат, туку од замор и од достоинство, “ посочува Дурло.

Потребно е цврсто заедништво во новинарската фела

Доволно новинарите дозволија да се симне кредибилитетот на професијата, кои, пак, имаат свое оправдување што се сведени на „преживување“, вели Елизабета Митреска е долгогодишна дописничка на МРТВ.

„На локалното новинарство му треба гласност и од самите новинари и поддршка од заедницата. Новинарите сложно да се спротивстват на притисоци, ама пак без решавањето на „статусот“ на институционалните портпаролски служби кои им се дозволува да „изигруваат“ новинари, не може да се обноват темелите на новинарската фела. А тоа бара законски рамки. Се отвора круг на надлежност: Кој да го направи тоа? Треба воспоставување правила од врвот на државата, па до локалната сфера. Не може секој „да глуми“ новинар. За поголеми постигнувања, потребно е цврсто заедништво во новинарската фела,“ посочува Митреска.

Локалното новинарство во „слободен пад“ со многу предизвици 

Стратешка рамка за развој на локалните медиуми; длабоки резови за поголема контрола на интернет просторот, создавање услови во локалните медиуми за подмладување на професијата, сериозна посветеност на образовните институции за доближување на медиумската писменост до граѓаните, особено до помладите, до учениците уште од основното образование – ова се забелешките и препораките од прилепските новинари за опстој на медиумите и локалното новинарство не само во Прилеп, туку и во Македонија воопшто. Реалноста е многу лоша, а иднината не ветува многу. Светот на медиумите денес е директно зависен од информатиката и дигитализацијата и се обидува да се справи со новиот предизвик од 21 век – вештачката интелегенција, додека за локалните медиуми во  Македонија сеуште важат конвенционалните правила од 20 тиот век.

Би можело да ве интересира

Колкави се шансите Универзална сала да биде повторно активирана?!

Пела Редакција

Нов прекин на струјата во одредени делови на градот

Пела Редакција

Важна информација за сите возачи и фирми во Прилеп

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе