На спортски план ќе ја паметиме 2024 годна, дали задоволни од успесите на македонските спортисtи или од богатиот реперторар на светски спортски случувања тоа останува на нас .За Радио Пела во завршните моменти од оваа година имаме и супер соговорник, нашиот спортски коментатор Тони Стојановски кој со својот говор на телевизиските преноси знае и умее “да ги крене сите на нозе”.
- Кој спортски настан според тебе ја одбележа 2024 година?
Ова беше одлична година за секој што не може без спорт, а мислам дека покрај телевизиските екрани беа и оние коишто гледаат спорт само кога има мега настани. За мене, Светското првенство во Германија во ракомет, не само хронолошки, туку и суштински, беше најзначајниот спортски настан годинава поради учеството на Македонија. Нашите ракометари ја исполнија задачата, ја совладаа Швајцарија, се надевам дека сите во националниот состав извлекоа поуки и дека ќе биде подобро за неколку дена на Европското во Хрватска. Се разбира, нема да ги заборавам и Европското фудбалско првенство и Олимписките игри во Париз како два најголеми глобални настана, а ќе се сеќавам и на одбојкарскиот натпревар меѓу Македонија и Грција, особено на првиот сет којшто го добивме и тоа би требало да ни овозможи да играме на континентален собир четвртипат по ред. Јас бев коментатор на сите овие настани и се надевам дека ќе има уште многу плодни години за сите нас.
- Дали на Македонија и недостасува телевизија која ќе ги пренесува сите светски спортски настани и дали би го сменил твоето работно место во една таква телевизија?
Никогаш не вели не, нели? Апсолутно, во Македонија треба да има спортска телевизија којашто ќе ги пренесува најважните спортски настани, но и оние што се од исклучително значење за нас Македонците. Тоа значи да има преноси од настапите на македонските репрезентации во сите спортови без исклучок, на македонски јазик! На овој степен на цививилизациски развој, тоа е врвен државен приоритет, да бидам поконкретен, врвен македонски етнички приоритет! Некогаш најважно било да се земе пушка в рака, сега сè уште не е дојдено време за тоа, а додека дојде, треба да ги искористиме сите механизми за да го зачуваме македонскиот идентитет. Еден од начините е да се забрани емитување спортска содржина на територијата на Македонија доколку не е на македонски јазик. За да се случи тоа, потребна е промена на законската регулатива, ако има волја, процесот може да биде завршен за кратко време. Да не заборавиме, никогаш не е доцна за вистинскиот потег!!!Така е и во животот, па зошто да не се случи јас во иднина да работам во таква телевизија?! Секако, во игра се сите опции, зошто да не?
- Има ли македонскиот фудбал репрезентативна иднина со новото раководство?
Верувам дека има. Ми се допаѓа тоа што во работата на ФФМ, новиот претседател вклучи неколку големи имиња во нашиот фудбал. Ова е нормален процес иако мојот став во врска со вклученост на бивши спортисти и тренери во менаџирање спортски процеси е дека тоа не мора нужно да значи успех. Има примери кога спортските федерации или клубови функционираа подобро со раководни луѓе коишто не биле врвни спортисти. Сетете се на македонската кошарка, на РК Вардар, на РК Кометал Ѓорче Петров, на РК Металург… Значи, познат спортист на чело на федерација или на некој клуб, не е сигурен рецепт за успешна работа. Еве уште еден пример, ОК Струмица во последните 4 години е под водство на Владо Милев, сегашен македонски репрезентативец, играч со богата интернационална кариера, но во неговиот мандат тој клуб не направи ништо повеќе освен што е прв во аматерската македонска лига. Така беше и претходно, што значи дека тоа е затекната состојба, не е негов резултат. А вистински успех, единствен суштествен, а не привиден, односно за народни маси, би бил кога во негово време би се создале млади играчи коишто би биле потенцијал за репрезентацијата на Македонија. Тоа го нема, ниту е на повидок.
Да се вратам на конкретното прашање, првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ, јавно ја изложи програмата, односно идеите што сака да ги реализира. Според мене, програмата е сериозна, добро осмислена, а тоа е вистински почеток. Неговиот настап на брифингот со новинарите беше онаков каков што треба да биде настап на нов претседател на федерација. Еве еден друг, негативен, пример: дури и по 15 години водење на ОФМ, Петар Јовановски неодамна доби поддршка да остане на чело на македонската одбојка. Да ги прашате клубовите коишто гласаа за него, нема да можат да набројат ниту два проекта на којшто тој би се посветил во претстојниот мандат. А доколку прашате зошто клубовите гласале за него, сите го знаете одговорот – така било „побарано“ од нив. Можеби и во ФФМ е идентично, но она што засега е значајно е дека Омерагиќ има програма! Со цело срце посакувам да ја оствари. Ќе се радуваме сите.
- Кога според вас ќе се смени спортската инфраструктура во земјава, каде е грешката?
Кога ќе се унапреди системот, кога ќе поставиме принципи на дејствување, не само формално на хартија, туку кога ќе се почитуваат одредбите, кога ќе ја активираме моралната скала кај секој поединец и кога вистински ќе се бориме против тие што го уриваат системот, тогаш ќе имаме и спортска инфраструктура. Впрочем, тогаш ќе имаме сè. Македонскиот спорт не е исклучок од сите општествени процеси. Ние имаме сериозни проблеми и нема да ги решиме доколку решението не биде сеопфатно, односно да го подобриме и образованието, здравството, спортот, безбедноста, правниот систем…
- Зошто е очајна македонската кошарка? Како може да се тргне по стапките на кошарката од соседна Србија?
Не може да се тргне по стапките на соседна Србија. Не сакам да правам споредби со други, ние треба да го градиме нашиот систем според сопствените компаративни предноси. Не само за кошарката, туку и за секој друг спорт, за мене најважно е системски и интердисциплинарно да се решаваат проблемите. Тоа значи најпрво треба да има стратегија, па да ги избереме вистинските луѓе врз основа на идеите што ги имааат, тие треба да ги водат процесите. Потоа, да обезбедиме финансии, да работиме на инфраструктурата, на тренерскиот кадар… Е, откако ќе се направи ова, треба да поминат 8 години за да видиме дали има успех, а дотогаш да ги реализираме сите краткорочни и среднорочни планови за да не се добие впечаток дека сè е попусто. Звучи компликувано? Навистина е!
- Како гледате на македонскиот ракомет? За женскиот, ќе тргне ли од нула? За машкиот, како до силна репрезентација?
На некој начин, веќе одговорив на ова прашање иако секој спорт носи свои специфики. Според моето скромно мислење, женскиот спорт кај нас нема светла перспектива, па и женскиот ракомет. Еве зошто: кај нас тоа е аматерски спорт, што значи дека со него не може да обезбедите живеачка, а кога е така, нема зошто да го практикувате по завршување на средното образование. Логично е, доколку сте родител на дете што спортува, да го насочите на студии, да го насочите да размислува на она што ќе му биде основна животна преокупација, професија со којашто ќе формира семејство и ќе го издржува. Поинаку кажано, нема перспектива во женскиот спорт додека не стане професионален, а не гледам дека ќе биде така дури и во далечна иднина. Тука се и одредени социјални сфаќања карактеристични за македонското општество коишто не се пријател на женскиот спорт. Со машкиот е поинаку, вклучително и со ракометот. Во него постојат три силни (професионални според сите стандарди) клуба коишто можат да работат на создавање сопствен кадар, а не само да купуваат туѓ. Во тој процес засега најдалеку оди РК Алкалоид. РК Еурофарм Пелистер и РК Вардар се машинерии, но засега функционираат со странци. Се надевам дека може да биде поинаку и со поддршка и на другите клубови, македонскиот ракомет не само да остане на своето ниво, туку и да порасне. За мене, македонскиот машки ракомет е најперспективниот колективен спорт кај нас без оглед што пропуштивме грандиозен период со две европски титули за да направиме многу повеќе, односно сега да имаме многу поквалитетни и перспективни играчи. Така беше и откако РК Кометал Ѓорче Петров стана европски првак. Поради причините што ги споменав, тогашната еуфорија не беше искористена за да создадеме македонски девојчиња коишто ќе направат успешни кариери во ракометот.
- На која спортска федерација најмногу и верувате? Каде има повеќе политика отколку спортски ентузијазам?
Политика има секаде! Да немаме дилеми. Во некои федерации има и олигархиски врски, значи релации коишто не се базираат на идеологија или на партиска политика, напротив! Се базираат на чист бизнис, односно единствен критериум за соработка или за нечија поддршка е кој колку ќе го товари магарето, не мора тоа да биде во спортот, туку во други релации на претседателите, членовите на управните или извршните одбори, министрите итн. Но, еве да одговорам на прашањето, поради новите ветришта верувам во македонскиот фудбал, а поради тоа што е единствен спорт со стратегија, верувам и во македонскиот ракомет.
Има ли спортски настан кој најмногу ќе го паметите. Зошто?
Привилегија на мојата работа е да се биде присутен на многу светски настани, така што тешко ми е да издвојувам, а доколку почнам да набројувам, ќе одговарам долго. Но еве… Не можам да го заборавам Европското првенство во фудбал 2020, одржано во 2021-ва поради пандемијата. Тогаш Македонија првпат играше на континентален собир, цела Македонија беше во еуфорија, публиката ме почитуваше поради коментарот од натпреварот со Грузија кога се квалификувавме, имаше и притисоци околу мојот начин на коментирање, имаше и многу работа и организациски обврски за коишто бев задолжен, но нема никогаш да го заборавам ехото од Букурешт: „МА-КЕ-ДО-НИ-ЈА“. За тоа вреди да се живее, за тоа вреди и да се умре!
- Кој е најголемиот спортски успех за една нација? А за нашата?
Другите нека размислуваат за себе, јас ќе се обидам да размислувам за нас. Нам ни се потребни успеси во колективните спортови, за да ни се повторуваат сликите од 2011-та кога кошаркарите ги собраа Македонците на плоштадот „Македонија“, како во 2012-та кога ракометарите ги обединија Македонците на истото место, како ЕП во фудбал кога ја залечивме душата за неправдите што ги чувствуваме како Македонци, како во 2017-та и во 2019-та кога РК Вардар го исполни Скопје со македонштина! Ете тоа ни треба за да можеме да го одржиме духот на народот којшто е дезориентиран по познатите предавства во последно време и грабежот на народното богатство од осамостојувањето досега. Но немам ништо против нашите претставници во поединечните спортови да освојуваат медали на големите манифестации како Дејан Георгиевски на Олимпијадата во Токио. Тоа можеби е пореална цел на краток рок. За тоа, сепак, ќе решаваат надлежните.
- Дарко Панчев или Аце Русевски?
Огромна почит за секого, не очекувајте да бирам особено во недефиниран контекст. Дарко Панчев беше гордост на Македонија и во СФРЈ, но особено му се радувавме кога се одвоивме, затоа што градејќи ја кариерата, ги исполни целите за коишто пишував во претходниот одговор. Аце Русевски имаше богата кариера во СФРЈ, кога и тој беше еден од меѓниците за разграничување што е наше во заедничката држава. За мене, ФК Вардар во југословенско време беше најсилниот темел на македонското чувство, на македонската посебност кога се радувавме и на „Хеј Словени“.
- Атанас Костовски или Златко Калински?
Со двајцата се дружам сè уште, дури и мислам дека сум единствен млад колега којшто им се јавува за да ги види приватно, а не професионално, а тоа особено ме радува и ме прави горд, мислам дека зборува за мене. Ако не е така, ако има и некој друг, ќе се извинам. Неодамна, ги повикав двајцата на дружба, поминавме одлично, како и секогаш. А дружбите ни се проткаени со разговори на различни теми, не само за спорт, се поддржуваме, шегобијци сме, па дебатираме, креваме глас, се караме редовно, но секогаш на крајот се поздравуваме со прегратка и со ветување дека ќе се видиме пак. Значи, Таско или Златко? Двајцата!
- 90 минути коментар за Македонија на светско во фудбал или интервју со најдобриот фудбалер на светот во моментот?
90 минути коментар за МАКЕДОНИЈА! Без Кристијано или Лео можам, без Македонија – не можам!!!!
- Кој спорт најмногу го релаксира Тони?
Јас сум шахист и фудбалер. Ги тренирав тие спортови, но не бев професионалец. Поради физичкиот изглед, сега повеќе ми прилега шахот затоа што со него нема физички повреди. Со фудбалот се простив минатата година, а среќа е што имам пријатели доктори што ги знам од спортот, па ме закрпија (ха-ха-ха). Значи, конечен одговор е шахот.
- Се крие ли некоја желба за и кон Дедо Мраз? Која би била?
Да траеме! – рече Тони кој во оваа прилика само не потсети дека треба да му се радуваме на секој спортски момент , на секој македонски успех , на секоја успешна спортска минута , на тоа што животот ни дава сега и во овој момент .Среќна Нова !