Утре (22 јануари, среда) од 18.00 часот во фојаето на ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи промоција на книгата „Дијалози“ од Коста Бојчески.
Модераторот на овој книжевно-промотивен настан, насловен „Создавање на ликовите од страна на читателот“, Александар Еленин, вели дека книгата „Дијалози“ е плод на непретенциозен, а сепак доволно предизвикувачки и во добра мера успешен опит со формата и структурата на дијалошката форма во литературен контекст.
Уникатноста на оваа книга е во „дефинирањето на ликовите“ и лоцирањето на дејството во еден хронотописки контекст преку самиот процес на читање на истите. Ликовите ни се „откриваат“, или поточно, самите ги откриваме и „создаваме“, со самото читање на дијалозите, па на тој начин почнуваме и органски да ги доживуваме како литературни субјекти. Токму поради наведените аргументи, „Дијалози“ е книга со искрен, автентичен пристап во творечкиот израз од страна на Бојчески, која заслужува пошироко внимание – Александар Еленин.
Промотор на книгата ќе биде Виктор Јованоски, а со своја автентична сценски изведба на некои од дијалозите настанот ќе го облагородат прилепските актери Даниела Иваноска и Димитар Ѓорѓиевски со режисерот Борис Василески, а на сето тоа музичка магија и атмосфера ќе му даде групата The Hounds.
Коста Бојчески (1989) е автор на триптихот Сварог (2016) – во потесен избор за Новите 2013 – и преведувач на Портрет на уметникот како млад пес од Дилан Томас (2016). Дел од неговите песни се застапени во антологијата Лирски додекамерон (2012), а многу други се објавувани по книжевните списанија („Книжевно житие“, „Акт“, „Стожер“, „Стремеж“…).
Ова е втор настан од едногодишниот културно-едукативен циклус на промоции и предавања кој започна на 15 јануари годинава со промоција и разговор за книгата „Современи театарски дијалози“ од Звонко Димоски.
Ф.Д.