На четиричлено семејство во јуни му биле потребни минимум 68.654 денари за да преживее – покажа синдикалната минимална кошничка. За храна биле потребни 25.120 денари, а за режиски трошоци 6.379 денари.
„Споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец мај 2026 година која изнесува 68.742 денари е намалена за 88 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати за месец јуни изнесува 84.024 денари“, велат од ССМ.
Храната останува најголемиот товар
Најголема ставка и во јуни се храната и пијалаците. Според пресметките се потребни 25.120 денари, односно 36,6% од вкупната минимална кошничка. Тоа е повеќе од една третина од семејниот буџет, и токму тука најдобро се гледа зошто граѓаните не ја мерат инфлацијата како статистичка категорија, туку како секојдневна пресметка пред рафтот во продавниците.
Втора поголема ставка е образованието, за кое се пресметани 7.192 денари, или 10,5% од кошничката. За облека и обувки се потребни 6.511 денари, а за режиски трошоци – струја, вода, греење и други основни услуги – 6.379 денари. Следуваат рекреација и култура со 5.592 денари, транспорт со 5.089 денари и ресторани и хотелски услуги со 4.131 денар. Најмал удел имаат комуникациите, здравјето, личната хигиена и останатите стоки и услуги, но и тие се дел од она што го прави месецот финансиски напнат.
Посериозната слика се добива кога синдикалната кошничка ќе се спореди со платите. Според најновото објавено соопштение на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата во март 2026. година изнесувала 48.433 денари. Тоа значи дека и просечната плата не ја покрива минималната синдикална кошничка, а разликата станува уште поголема за семејствата што плаќаат кирија.
Според објавените пресметки врз основа на новиот износ на минималната плата, минималната нето-плата за 2026. година изнесува околу 26.046 денари. Две минимални плати заедно се приближуваат до дел од кошничката, и веќе тоа не праставува статистичка неудобност, туку прашање на достоинствен живот, семејна сигурност и граница меѓу преживување и нормално планирање,велат од ССМ

