CSS Template

Подготовки за откуп на тутунот – земјоделците очекуваат добра понуда

428

Во министерството за земјоделство денеска, во пресрет на годинешниот откуп на тутун, ресорниот министер Љупчо Николовски, одржа работен состанок со Здруженијата на тутунари и откупувачите на тутун. На состанокот се презентираше актуелната состојба со производството на тутун, како и очекувањата за годинешните откупени количества на тутун.

Според проценките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со реколтата 2017 година, со тутун вкупно се договорени и засадени 14.342 хектари.

Врз основа на согледувањата на терен, според проценките од страна на здруженијата на тутунопроизводители и на откупувачите, годинешното производство се очекува да биде на ниво од околу 24.000 тони.

Согласно Законот за тутун  и тутунски производи склучувањето на договорите за производство и откуп на тутун за годинешната реколта, заврши на 10-ти април годинава. Регистрирани се девет откупни компании, кои пријавија 29.132 договори за производство и откуп на тутун, или 1.750 повеќе договори во однос на минатата година кога беа пријавени 27.380 договори.

Министерот Николовски посочи дека треба да се исполнат сите  услови за непречен откуп на тутунот, и ги повика откупувачите да се изјаснат дали имаат обезбедно финансиски средства за откуп на тутунот.Воедно, министерот Николовски потенцираше дека е започната постапката за подготвка на новиот Закон за тутун и тутунски производи, во кој се предвидени промени во делот на класите и пораст на субвенциите за тутун, за што ќе бидат консултирани сите чинители, односно тутунарите, откупувачите и експертската фела.

Годинешниот откуп на тутун ќе се реализира по стариот Закон за тутун и тутнски производи, а новиот закон се очекува да се донесе до крајот на оваа година.

Од откупните компании изразија уверување дека имаат обезбедено финансиски средства за исплата на целокупното договорено количество.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски, посочи дека инспекторите ќе бидат постојано на терен на откупните пунктови да го следат откупот, и ги повика компаниите навремено да го пријават откупот  според пропишаните процедури. Тутунарите и откупувачите посочија дека поради лошите временски услови, односно раните мразеви, а потоа и сушата, се очекува помало производство на тутун од договорено производство од 26.532 тони.

Претставниците од здруженијата на тутунари посочија дека претходната година имале проблем со одбитоците што ги вршеле откупувачите и побараа проценката на класите да се врши реално.

Според законските одредби, откупот на тутун треба да започне најдоцна до 15 декември, но доколку откупувачите ги имаат исполнето сите услови, можат и порано да започнат со откуп на тутун.


semm
Penata
Farma Dolneni
Vivafarm