ПЕЛА YU хитови

ПЕЛА МАК забавно

PELA CAFE

ПЕЛА МАК народно

ПЕЛА YU фолк

CSS Template

Жените – чувари на традицијата и двигател за развој на заедницата

361

Амела Ајдароска е невработена, мајка, домаќинка и според неа тоа е најтешката работа. Таа е дипломиран економист, се грижи за семејството, е посветена домаќинка и чувар на традицијата заедно со најголемиот дел од жените во општина Долнени. Подготвува традиционална храна, на начин на кој што тоа го правела нејзината мајка, баба, а рецептот за подготвување на баклава ќе остане и за идните поколенија:

– Баклавата ја подготвуваме за Бајрам. Порано ја подготвувавме со сучени кори, а ние сме нови домаќинки, па ајде да пробаме со готиви кори. Порано се замесуваше тесто со јајца, брашно, малку потешко, подолго време, самата припрема. Сега е полесно, со некои новитети по вкусови, додаваме ф’стак, чоколадо, оваа баклава е со ф’стак.

Ја запрашавме Ајдароска дали размислувала за некаква бизнис идеја која што ќе го поврзи традиционалното кулинарство со економската исплатливост на женскиот труд.

– Реално да, но тука во нашата општина нема толкава побарувачка зашто сите тоа го подготвуваат дома, зашто е традиционално јадење, и мислам дека тука нема да просперира тој бизнис сеуште, додека нема да дојдат вака смели домаќинки кои нема да ги прават, туку да ги купат.

Младата домаќинка Ташурие Сулејманоска пак, на настанот организиран од ЛАГ АГРО ЛИДЕР во соработка со Општина Долнени и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп, вели дека традиционалниот специјалитет во нејзиниот дом исто така се подготвува со генерации.

– Ова јадење се подготвува со млеко, маст… Млекото се става да се свари, се тура масло, сол и брашно, гриз. Сето треба да зоврие и постепено се меша. Треба да се свари и потоа се тура во тепсија и се печи. Ова го научив од мајка ми, вели таа, со леснотија, објаснувајќи го секојдневието на своето живеење, но и на животот воопшто во руралните средини во Македонија.

Вештината за подготовка на храна според традиционалните начини независно од која етничка или верска основа доаѓаат се одлика на жените. Традицијата на подготовката на храна е токму она што селата ги издвојува од градските средини. А, жените се тие кои се чувари на специфичните одлики по кои, регионите, селата, се разликуваат од останатите.

За жените во руралните средини во секојдневието проткаено со обврските во полето, околу семејството, децата, нема можност да се размисли и да разгледаат опциите за вклучување во комерцијална подготовка и продажба на кулинарските производи. Денешниот настан во Ропотово, Општина Долнени, беше инициран за препознавање на економските капацитети на жените.

– Оваа локална заедница е позната по својата мултиетичност, традиција, и култура, со својот придонес во земјоделскиот сектор и заедничката соработка на сите засегнати страни со една заедничка цел, поквалитетен живот на сите жители на општината. Денешниот настан е најава за креирање на локални политики согласно реалните потреби на жителите на нашата општина, вклучувајќи го родовиот аспект и поддршката на жените, посочи Урим Ибески, градоначалник на Општина Долнени.  

Како и останатите рурални општини во земјава, најголемиот дел од приходите, жителите ги остваруваат од земјоделство, на традиционален начин, при што за одбележување е дека Долнени е општина која е најголемиот производител на ориентален тутун на Балканот. Жената во тој процес е столбот на семејството, а многу ретко досега се одржале настани посветени на родовиот аспект на населението.   

Ова е прв пат општина Долнени да биде организатор на настан насочен да ги обедини жените во нашата општина и да ги промовира можностите за заедничка соработка. Општина Долнени се залага и ќе се залага за остварување на принципот на еднакви можности согласно националната регулатива, како и согласно меѓународните стандарди. Континуирано работиме преку комисијата за родова еднаквост на креирање Мерки за остварување на принципот на еднакви можности, како и обезбедување на поддршка за жените од нашите села. Свесни сме дека постојат уште многу предизвици, но имаме желба заедно да работиме и да ги надминуваме. Денешниот настан е чекор кон подигање на свеста за улогата на жените за зачувување на традицијата, културата и достигнување на одржлив развој на заедницата, посочи  Ајше Муаремоска Топалоска, претседател на Комисија за еднакви можности на Општина Долнени.
Концептот „Социјална правда и економско јакнење на жените во руралните средини”  претставен во Општина Долнени, преку промоција на вештините во традиционалните јадења на руралните жени во организација на Локалната акциона група АГРО ЛИДЕР, значи поттикнување на локалните чинители да размислуваат и креираат политики во правец на искористување на капацитетите.

-Денешниот настан има цел да ги охрабри жените, но и носителите на локалните политики, градоначалниците, за поактивно вклучување и ангажираност, како и во давањето идеи што треба да се подобри за навистина општината да одговори на реалните потреби на жените, но и да им се даде можност самите да спроведуваат иницијатива, рече Марина Тошеска од ЛАГ Агро Лидер.

Денешниот настан во организација на невладината ЛАГ АГРО ЛИДЕР  во соработка со Општина Долнени е почеток на низата настани кои ќе следат за остварување на принципот на еднакви можности и обезбедување на поддршка за социо-економско јакнење на жените.
Vivafarm

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

error: