10.3 C
Прилеп
среда, 30 октомври, 2024
Пела Радио

Дали власта требаше да се меша?!

Забелешките на дел од пекарите кои од разбирливи причини ќе останат анонимни во нашево видување се дека „Власта не требаше да се меша“ во цената на лебот. Тие сметаат дека со оглед на паѓањето на цените на пазарот на брашно и пченица пазарните услови и онака наметнуваа намалување на цената, која во одредени градови и региони е и пониска, дури и од оваа, која, сега Владата ја ограничи на 33 денари за бел и полубел леб од 450 гр. За волја на вистината и цената на лебот изминативе 6 месеци варираше и од највисоката поттикната од инфлацискиот шок во производството на леб во август кога изнесуваше над 50 денари, се намали со тенденција за стабилизирање. Причината за ова, е што и цената на пченицата достигна цена на големо од 16 до 17 денари за кгр, додека на брашното 30 денари кгр за потребите на мелничко – пекарската индустрија.

Зошто власта не требаше да се меша?

Денеска трет ден по интервенцијата на Владата, во трговијата, по маркетите состојбата со снабдувањето со леб во Прилеп се стабилизира. Иако, од таму велат дека заради стравот од недостиг  од овој основен продукт, граѓаните денеска наместо по 1 или 2 леба, купуваат повеќе и го складираат (замрзнуваат), па така во одреден период од денот рафтовите повторно се празнат. Во прилепскиот регион работат над 40 пекари со обем на дневно производство од најмалку 1 000 парчиња леб, додека грубата пресметка е дека се потребни најмалку 80 илјади парчиња леб. Проблемот со недостиг од леб се појави кога големите пекари кои покриваат најголем дел од пазарот бојкотираа, а останатите производители не беа во можност да ги покријат потребите на граѓаните.

„Нам ние полесно да се прилагодиме на изменетите правила на пазарот. Ни се исплаќа да го продаваме и по цена од 33 денари, со помала заработувачка, зашто и штетите кај нас од ваква одлука се помали“, велат пекарниците со помал капацитет.

„Не е проблемот во цената, и онака цената по која сега го набавуваме брашното е помала од онаа која беше за време кризата. Власта не требаше да се меша, бидејќи пазарот ги воспоставува правилата за опстанок,“додаваат од една прилепска пекара која што не престана со производство и за време бојкотот.

Каква грижа е потребна од власта?

Разбирливо е власта да се грижи за граѓаните, но таа грижа да биде навремена, континуирана и со долгорочна стратегија. А оваа ат хок грижа со замрзнатата цена на лебот, поттикнува на мислата од гол популизам, а уште повеќе на потребата од решавање на подлабоки наталожени проблеми, а личат на народната „Кое е постаро кокошката или јајцето?“

Во амбарите на македонските поледелци сеуште има пченица од ланската реколта. Не се знае колку тежат државните резерви од пченица и дали воопшто ги има. Колкава е реалната производна цена на македонска пченица со вкалкулиран минимален приход за земјоделецот? Има ли стратегија за континуирано производство на македонско лебно жито за домашните потреби?

До кога ќе зависиме од соседите во обезбедување на потребните количини на брашно за домашни потреби? Србија ли уште ќе ни биде гарант дека нема да останеме гладни?

Да потсетиме дека слична е состојбата и со уште еден од основните продукти, а тоа е маслото за јадење. Минатата година се постави прашањето како да се поттикнат земјоделците да произведат поголеми количества домашен сончоглед за преработка и производство на масло. Единствениот откупувач  „Кристал 1923“  го презеде целокупното производство по цена од 35 денари од килограм. Годинава трошоците за производство се зголемени, потребно да се  формира загарантирана откупна минимална цена под која не би смеело да се откупува, зашто во спротивно никој ќе нема ќар да производува.

Едноставната математика ги дава најдобрите резултати.

Но, за тоа треба домаќински муабет ако сакаме како држава да си обезбедуваме храна и да не зависиме барем за основните прехранбени продукти од увоз.

И да се вратиме на почетокот – зошто власта не требаше да се меша: според најавите од Групацијата мелничко пекарската индустрија од утре, лебот со „замрзната“ цена ќе го има во трговијата,  а пекарите најавија поведување правна постапка против одлуката за замрзнување на цената на лебот која, според нив, е неуставна и противзаконска.

Би можело да ве интересира

Крушево во знак на Тоше, рози на патеката од маратонците

Гордана Цветаноска

Прилепската болница отвора нови Ковид одделенија и ги повлекува специјализантите

Гордана Цветаноска

Започнаа теренските активности на ЕВН за зајакнување на напонот во Три Багреми-Тризла

Елизабета Филипоска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе