7.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Земјоделците бараат јавните повици за закуп на земјоделски парцели да бидат потранспарентни

Во тек е вториот инвестициски оглас за издавање под закуп државно земјоделско земјиште над три хектари. Опфатени 15 општини, при што на располагање се 1.453 хектари за примарно земјоделско производство, но и за инвестиции во преработувачки капацитети. Огласот има низа поволности за младите лица, земјоделци до 40 години, или управители на фирми. Станува збор за електронско јавно наддавање кое ќе се одвива на следниот линк  http://62.220.210.66:8080/auction  , а огласот е објавен на веб страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Но, токму овој начин – електронското јавно наддавање, и неможноста да ги следат јавните повици на традиционалните медиуми, ТВ, радио или весници, за земјоделците претставуваат пречка и недоволна информираност.
– Сите земјоделци не користат интернет и немаат време да следат што се случува. Треба да биде во медиумите, за пошироката јавност да дознае, вели Дејан Јовески од Кадино село, прилепско.
Низа пречки во за поголема транспарентност при давањето под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост констатирало Здружението „Рурална коалиција“. Според неодамна направените истражувања од 100 испитаници во Пелагонискиот и Североисточниот регион, невладината утврдила дека електронското учество на повиците е комплицирано, проследено со обемна документација која земјоделците треба да ја приберат. Воедно, проблем е и добивањето на прецизни информации за слободните катастарски парцели.
–Дури над 90 проценти од земјоделците аплицираат за доделување државно земјоделско земјиште и тоа за поголеми површини, најчесто за пет до 15 хектари, што е стратегиска определба на државата и на аграрниот сектор, односно, окрупнувањето на земјоделското земјиште. Но, 46 проценти од испитаните земјоделци истакнаа дека информациите за распределба на земјиштето ги добиваат преку лични контакти или познаници од инстититуциите. Сѐ уште треба Министерството и институциите надлежни за ова, да вложат многу поголеми напори за транспарентноста при повиците, вели Лилјана Јоноски од „Рурална коалиција“.
На недоволна информираност, повеќе средби со претставници од ресорното министество и агенции, алармираат примарните производители
– Тешко може да разбереме кога и за која парцела има оглас, а најголемиот проблем е што е голема процедурата и има многу документи. Потребни се лица да ни кажат каква е процедурата и што и како може да добиеме, рече Никола Подигачоски од Мало Коњари.
Истражувањето,„Рурална коалиција“ го спровело во рамки на проектот „Коалиција на граѓаните и медиумите, против корупцијата, коалиција за нулта толеранција“, финансиран од „Транспарентност Македонија“ и од НВО „Инфоцентар“.

Би можело да ве интересира

Последната група од 222 работници замина од Тутунски Комбинат Прилеп

Квалитет за Вашата безбедност – АВТО КОНТРОЛ ПРИЛЕП (ВИДЕО -ФОТО)

Гордана Цветаноска

Над 8 милиони евра ќе распределат акционерите на Мермерен Комбинат АД Прилеп

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе