Во Прилеп во организација на Граѓанската иницијатива за културна, национална и економска интеграција на македонскиот народ НЕ –ИМА, од денеска по 19 ти пат се одбележува годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, односно 148 години од раѓањето на македонскиот великан.
Традиционално Граѓанската иницијатива одржува панел дискусија за правата на Македонците во соседните држави, на која учество земаат гости од Грција, Албанија, Бугарија, Србија.
– Со оваа дискусија, со заклучоците, сакаме да поттикнеме, како што Македонија е лидер за почитување на правата на малцинствата во земјава, и Македонците во соседните држави да ги добијат барем сличните права во државите каде што живеат. Во некои држави почитувањето на правата се за поздравување, но некаде реално не се работи за подобрување. Ние декларацијата ја доставуваме до амбасадите, до меѓународни институции, вели Илија Богатиноски, претседател на граѓанско здружение „НЕ-ИМА“.
Според Богатиновски, прашањето за правата на македонските малцинства во соседните земји почнува со оптимистичките настојувања во Албанија, каде што утре во Парламентот ќе се дебатира за нив.
Според Димитар Паросков, претседател на „ОМО Илинден“ во Бугарија, ситуацијата со Македонците во Бугарија е специфична и, како што рече, нема да се реши во скоро време.
Изјавата на Каракачанов дадена вчера во Битола, Богатиноски ја оцени во најмала рака како дегутантна, и при тоа, како што рече тој, на сред Битола никој не му побара одговорност, а тоа зборува за демократските капацитети на Македонија.
– Исто така и на Димитрија Чуповски не му било побарано руско државјанство кога во Санкт Петерсбург основал македонско национално и културно друштво, нешто на ранг на МАНУ денеска. Исто така на Гоце Делчев не му било побарано српско државјанство кога се обидел да се запише на воена академија во Белград. Како здружение можеме да му покажеме над 70 трудови на луѓе, мали истражувачи, за тоа што бил, како бил и што се чувствувал Гоце Делчев. Доколку се подготвени ние можеме да му доставиме материјали за Гоце Делчев. Само едно нешто провејува во работата на Гоце Делчев, а тоа е слободата на Македонија“, истакна Илија Богатиноски, претседател на граѓанско здружение „НЕ-ИМА“, организатор на собирот.
Ѓорѓи Николов Делчев, познат како Гоце Делчев е роден во Кукуш на 4 февруари 1872 година. Тој е македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Во борба со турската војска, Гоце Делчев загина на 4 мај 1903 год во Баница, Серско, денешна Република Грција.