13 години без Тоше, а маратонците го трчаа почесниот 12 ти маратон во секавање на легендарната музичка ѕвзда Тоше Проески. Дел од маратонците се негови вистински пријатели, уште од детството, кои стоејќи пред неговото новоизградено вечно почивалиште и гледајќи кон небото порачаа дека ќе го одржат ветувањето кон него -да трчаат цели 26 години, колку што тој имаше години! Застанаа пред неговиот лик и го поздравија, како што секоја година го поздравуваат на овој тажен ден „За кого? – За Тоше!“ – без машка гордост, пуштајќи солза за својот незаборавен другар, човекот кој преку музиката и хуманоста го обедини целиот Балкан.
И покрај здравствената криза оваа година, маратонците трчаа, малку со изменети правила, но сите стигнаа до Крушево токму на пладне. Застанаа во Прилеп, се поклонија пред споменикот на Тоше во центарот на градот и ја продолжија патеката.
Фотографии на нашиот млад соработник Сотир Маркоски од Крушево
Традиционалниот ултра-маратон годинава се одвива само на македонска територија, а симболично, двајца претставници на маратонците истрчаа 10 километри во Нова Градишка, Хрватска, каде положија цвеќе во спомен на музичката ѕвезда.
А, крушевчани, низ улиците каде се движеа маратонците , повторно ги послаа улиците со рози. Во организација на учениците од СОУ „Наум Наумоски Борче“ веќе 3 години иницијативата „Рози за Тоше“ со црвени рози го обележуваат патот на маратонците. Низ крушевските улици беа засадени хризантеми во чест на ѕвездата за кое плаче Балканот. И во другите градови денеска самоиницијативно поддржувачите на Тоше му оддаваа почит. Точно напладне во Охрид се огласија сирените од бродот „Армада“ на градското пристаниште, а во позадина се слушаше тажната „Се уште сонувам дека сме заедно“, во угостителските објеки во македонскиот туристички бисер денеска се’ беше во знакот на музиката на Тоше.
На музичката ѕвезда почит ѝ оддадоа и велосипедисти од Тиквешкиот Регион, кои од 20 септември во рамките на проектот „Од срце за Тоше“ возеа низ целата држава за да пристигнат во Крушево. Претходно, годинава, на 9 август на Крушевското Езеро, пак, се одржа првиот пливачки маратон „Тоше Проески“.
Денеска беше откриено новото спомен обележјето каде што почива Тоше, кое е изградено неодамна и го илустрира патот на душата, односно претставува градација на развојот на душата и светото тројство и нејзино качување од живот кон нешто севишно, симболика на религиозноста на Тоше. Автори на идејното решение се „Архитектоника“ .
Во Крушево, чест на големиот уметник, хуманист и човек, денеска му оддадоа претседателот на Владата Зоран Заев, градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, придружувани од домаќинот, градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски.
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992), каде што испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјата и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата.