Со автомобили, трактори и пешачење, денеска тутунарите стартуваа од пред општинската зграда во центарот на Прилеп, а крајна дестинација беше централниот откупен пункт на Тутунски Комбинат. Целта на денешниот протест е,како што велат од иницијативниот одбор да се привлече вниманието кај надлежните институции: ресорното министерство , Владата и Парламентот, проблемот со ниската линија на тутунскиот откуп да се реши итно.
– Со мирни протести, без анархија и без дофрлување, само така можеме да си ги бараме правата. Барањата се познати, ние ги испративме до надлежните и бараме итна средба. Ова мора да се реши , зашто проблемот не е само во Прилеп, туку и во цела Македонија, сега и веднаш, зашто одолговлекување не е решение. Луѓето што му требаат пари го даваат тутунот и му го земаат за 100 денари, рече Игор Мирчески од иницијативниот одбор Македонски тутунари пред централниот откупен пункт на Тутунски Комбинат.
Тутунарите бараат 4 тата класа да се укине и да се намалат одбитоците, бидејќи со сегашната откупна цена не им се покриваат трошоците кои ги вложиле во актуелната реколта.
– 10 до 12 отсто ни кинат на килата, иако има откупи кои што се реални. Реална цена бараме под 220 да не биде, односно да биде ланскиот просек. Подолу од таа цена не се исплаќа. Работниците ги плаќав 70 денари од низа тутун, а тоа е за 300 грама. Ако пресметаме и трошоци за ѓубре, кирија, за хидросистем, и за други трошоци,каде е тука пресметката, прашува Гоце Трајкоски, тутунопроизводител.
– Овој народ има мака, затоа да сме овде, не може 3 и 4 ка тутун да оди, а лани одеше двјка и кец истиот тутун. Затоа да седниме со претставници од земјоделие, со претставници од тутунари и здружението да направиме муабет од 200 денари да не биде подолу тутунот, вели Сашо Ѓорѓиоски, тутунар.
Тутунарите кои се организираат преку социјалните мрежи, за в среда најавија протести со блокада на сообраќајот кај излезот од Прилеп на Лукоил, организирано, со почитување на дистанца поради Ковид пандемијата и да се почитуваат сите протоколи.