Тридневниот меѓународен карневал „Прочка 2018“, денеска финишираше со централниот настан, дефилето на околу 1.000 учесници од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Бугарија и Албанија. Традиционално карневалот предизвика голема посетеност од гости од земјата и странство.
Посакувајќи им добредојде на учесниците, посетителите, како и на високите претставници од странство и на делегацијата од Федерацијата на европските карневалски градови, градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, не го криеше задоволството од бројноста и квалитетот на групните и поединечните маски.
„ Посебно ме радува тоа што во Прилеп, дојдоа голем број посетители од повеќе градови од нашата држава, како и од соседните земји, со цел да го проследат карневалот. Денеска е Прочка, затоа сакам да побараме прошка и да им дадеме прошка на нашите најблиски, што ќе придонесе да изградиме подобро општество за сите“, рече прилепскиот градоначалник, Илија Јованоски.
За претседателот на здружението „Прилепски мечкари“, Ванчо Георгиев, годинешното 17 издание на меѓународниот карневал „Прочка 2018“ го карактеризира голема посетеност и масовност.
„Уште синоќа хотелите во градот беа полни со гости, бидејќи една од целите на карневалот беше да го направи Прилеп туристички центар. Ни помогна и времето, па така посетителите што дојдоа не како учесници, туку како гости, имаа што да видат, бидејќи покрај маските и карневалот, Прилеп е познат и по убавата скара“, изјави Георгиев.
Генералниот секретар на Федерацијата на европски карневалски градови (ФЕКК), Ларс Алгел, рече дека е импресиониран од сите карневали што ги посетил во изминатата седмица.
„Импресиониран сум од карневалите, кои ги посетив. Имав вистинска “карневалска“ седмица. Ги проследив карневалите во Хрватска и Словенија, а потоа и струмичкиот и сега прилепскиот карневал. Среќен сум што сум во Прилеп, имам многу добри сеќавања од овој карневал. Ме импресионираат различностите на сите карневали, очекувам дека и одовде ќе носам позитивни впечатоци“, рече Алгел.
Меѓу бројните високи гости што го посетија меѓународниот карневал „Прочка 2018“, беше и амбасадорот на Шпанија, Емилио Лоренцо.Карневалот завршува вечерва со забавата под маски, кога ќе бидат соопштени имињата на најуспешните учесници по категории, на кои што ќе им бидат врачени парични награди и дипломи.