Има ли поголема радост од тоа Дедо Мраз да пристигне пред Нова Година на вистинското место – кај најмладите и онаму каде што треба да донесе насмевки, радост, среќа и подароци! Онака, како што е традиција од покривот преку оџакот или прозорецот, така денеска најбараниот дедо пристигна и во Општата болница „Борка Талески“ на општо задоволство и на големо изненадување од вработените и од пациентите.
Децата кои се хоспитализирани на Детското одделение во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп беа најсреќни бидејќи имаа единствена прилика како во бајките да бидат сведоци како Дедо Мраз се симнува од покривот и преку прозорецот влегува во просториите каде што се сместени и тоа со полна вреќа подароци.
Се слушнаа ѕвончињата, новогодишните песни и честитање за среќа и здравје, а Дедо Мраз им подари колетчиња на децата во детско одделение и на родилките во акушерско одделение!
За оние кои веруваат во Дедо Мраз ова е уште еден доказ дека постои, а за сите останати, повторно – Спасителната служба Златоврв е главниот „виновник“ за ова прекрасно изненадување кое измами безброј насмевки на лицата од децата, но и на возрасните.
Инаку, познатиот спелеолог, истражувач, планинар, хуманист, Дарко Неданоски е можеби досега најмладиот „дедо“, затоа што токму тој беше во улога на Дедо Мраз.
„Во соработка со Центарот за социјални работи, Спасителната служба Златоврв со поддршка од Општина Прилеп и Градска болница “Борка Талески“ Прилеп, денес ги израдувавме и најмалите. Со радоста и нивните насмевки го направивме последниот, најважен подвиг за оваа пред се предизвикувачка година, кој е само уште поголема мотивација и причина за уште поголеми подвизи во годината што доаѓа“, напиша Неданоски на социјалната мрежа фејсбук.
Браво за идејата, за храброста и за хуманоста во овие чудни времиња, секоја чест!!!