Во организација на неформалната група „Ромски граѓански парламент“, а по повод Меѓународниот ден на жената 8. Март, се одржа хуманитарна забава, со цел собирање средства за помош на сиромашните ромски семејства и децата од улица, кои се евидентирани во здружението РОМА С.О.С.
На хуманитарната забава присуствуваа и градоначалникот Илија Јованоски, како и претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски. Градоначалникот рече дека организирањето на настан со хуманитарен карактер заслужува да биде забележан, бидејќи од една страна значи помош за оние на кои им е неопходна, а од друга, покажување пример кој треба да го следат и други здруженија и организации.
„Да се биде хуман, да се биде солидарен има големо значење и важност. Локалната самоуправа на општина Прилеп и јас како градоначалник, ја поддржуваме вашата вечерашна акција. Заложба на Општина Прилеп е да се грижи за своите граѓани, за децата од улица, па во таа насока ќе ја поддржиме хуманитарната акција и вечерва ќе донираме ваучер од 20.000 денари“, изјави градоначалникот Јованоски.
Извршната директорка на здружението РОМА СОС, Несиме Салиоска, рече дека е големо задоволството да се види хуманитарниот гест на Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски, кои со донирањето финансиски средства ќе овозможат да се зголеми бројот на деца,кои ќе бидат опфатени со хуманитарната акција.
„Сиромаштијата сите нѐ засега, меѓутоа не сме сите исто сиромашни. Затоа нашата идеја со организирањето на оваа хуманитарна забава, е тие кои што имаат повеќе, да им дадат на тие кои што имаат помалку. На тој начин ќе ја постигнеме онаа еднаквост за која сите ние се залагаме. Жените карактерно се солидарни и хуманитарни и затоа не случајно го избравме 8 март, за да покажеме колку многу жените сакаат да помагаат“, рече Салиоска.
На хуманитарната забава на која присуствуваа 450 граѓанки од ромската етничка заедница, заедно со донацијата од 20.000 денари од страна на Општина Прилеп, вкупно беа собрани 70.000 денари.
претходна вест