Задолжителна потврда за вакцинација, најмалку една доза, за лицата над 18 години од денеска важи за сите кои престојуваат во секаков вид објекти и на настани. За спроведување на мерките ќе има редари кои ќе вршат контрола на потврди за вакцинација при влез во секаков вид објект и на отворено, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, но и за секакакви други настани (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани) на отворено. Покрај бараниот сертификат за вакцина, ќе биде доволно да се приложи и потврда дека пациентот бил заболен од ковид во изминатите 45 дена.
Останува забраната за ноќните клубови, кабареа и барови за работа во затворениот дел од објектот. Дозволено е да работат терасите со 50 проценти од капацитетот. Хотелите остануваат да работат со полн капацитет и по 16-ти август, само со служење пансион, во затворен простор, без потврда за имунизација.
Денеска министерот Филипче посочи дека ќе бара од Владата да се регулира влезот и излезот од Македонија поради ширењето на коронавирусот . Мерки за Тетово засега нема, а Комисијата за заразни болести разговарала да се намали работното време на објектите и намалување на капацитетите во автобусите. Но засега, овие мерки нема да се имплементираат.