Во денешната изјава за јавноста, претседателот на ОО на СДСМ Миле Талевски се задржа на одбивањето за ТВ соочувања на кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ за Прилеп д-р Борче Јовчески со неговите противкандидати:
„После унгарскиот, ВМРО-ДПМНЕ даде уште еден бегалец. Прилепски бегалец.
Ако криминалецот Груевски избега од државата за да не ја одлежи затворската казна, Борче Јовчески, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Прилеп, избега од телевизиските дебати заради стравот од соочување со кандидатите на останатите партии. Вчера објавеното известување на Јовчески, дека нема да биде дел од дебатите заради наводно „нерасчистени јавни закани по неговиот живот“, е провиден и ефтин трик за замајување на јавноста и потценување на интелигенцијата на граѓаните.
Одбивањето на Јовчески да се појави на јавно соочување со другите кандидати кои претендираат на градоначалничката функција, претставува политички скандал каков што Прилеп не памети.
Граѓаните имаат право да знаат што е тоа што кандидатите им го нудат на граѓаните, како своја визија за развој на општината. Телевизиските дебати се најдобриот начин за тоа. За жал, ВМРО-ДПМНЕ и Борче Јовчески избегаа од соочувањето, се скрија од граѓаните.
Почитувани граѓани,
Вистината е една: ВМРО-ДПМНЕ го крие својот кандидат од очите на јавноста, го крие од вас!
Бегството на Јовчески од сите најавени јавни соочувања на кандидатите за градоначалник, од сите закажани дебати на централните и локалните медиуми, не е ништо друго освен признавање на сопствената инфериорност во однос на останатите кандидати.Во секоја развиена демократија, одбивањето на било кој кандидат за јавно соочување со противкандидатот од спротивната политичка опција, значи крај на неговата политичка кариера.
Господа од опозицијата, на Прилеп му треба храбар лидер.
На Прилеп му треба градоначалник кој ќе ги решава проблемите на граѓаните, не од нив да бега.
Вашиот кандидат, Борче Јовчески, не е она што во овој момент им е потребно на Прилеп и прилепчани,“ посочи Миле Талевски, претседател на ОО на СДСМ Прилеп.