Македонскиот Олимписки комитет, Општина Прилеп заедно со Пинг Понг Федерација на Македонија, а во соработка со ППК „Младост 96“ на плоштадот „Методија Андонов Ченто”, по втор пат беа домаќини на манифестацијата по повод Светскиот ден на спортот 6 ти април . Прилеп не случајно е избран да биде дел од ваков голем настан, бидејќи важи за центар на пинг – понгот во Р. Македонија, посочи Златко Рикалоски, потпретседател на Пингпонгарската Федерација на Македонија.
„ Од Прилеп се излезени голем број на познати имиња во пинг – понгот кои со успех настапувале во своите клубови, го претставувале градот и нашата земја. Светската пингпонгарска организација е промотор, а оваа година денешниот настан се одбележува точно во 89 земји“, истакна Рикалоски.
Градоначалникот Илија Јованоски го поздрави денешниот Светски ден на спортот, посочувајќи дека Општина Прилеп секогаш ќе стои во поддршка на спортот и спортските настани.
„ Ние како локална самоуправа и јас како градоначалник и понатаму ќе им даваме неизмерна подршка. Спортот и физичката активност се бренд во модерниот свет, затоа упатувам апел до сите млади да се дружат и да спортуваат, посочи Јованоски.
На самиот настан присуствуваше и Претседателот на МОК г-дин Васил Тупурковски, членови на ППФМ и огромен број на дечиња и љубители на пинг понгот од сите возрасти од градот Прилеп.
„ Прилеп е континуирано во центарот на пинг- понгот во Македонија. Му благодарам на градоначалникот Илија Јованоски за поддршката на овие мали спортови што е многу важно за нивниот развој, а ако се развие спортот ќе се решаваат дури и здравствените проблеми на младите и децата во Р. Македонија. Го поздравувам овој битен спортски настан бидејќи е дел од олимпиското семејство што слави денеска, истакна Тупурковски.
Генералното Собрание на Обединетите Нации на 23 Август 2013 година, усвои Резолуција со која 6 Април се прогласува за Меѓународен ден на спортот за развој и мир. По тој повод, целото олимписко и спортско семејство, но и сите држави во светот, го посветуват односно го слават овој ден на Спортот за развој и мир и низ целиот свет се организираат вакви и слични спортски, културни и уметнички манифестации.