11.1 C
Прилеп
среда, 18 декември, 2024
Пела Радио

Велигденско послание на г.г.Стефан; „Верата во Воскресението е извор на трпение,љубов и надеж„

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА во пасхалното послание по повод претстојниот празник Воскресение Христово – Велигден истакнуваат дека животот на сите вистински следбеници на Христа е исполнет со искушенија, со духовни падови и подеми – со крст, но и со воскресение.

„Нашиот народ и нашата Охридска и Македонска црква се сведоци за тоа низ сета своја историја. Сега, кога веќе ни е откриен вечниот живот, да не бидеме упорни во омразата и злото, туку да бидеме постојани во покајанието и простувањето, во воздржувањето и трпението. Да се трудиме да не бидеме повод за соблазна и да не биде хулено името Христово поради нашите дела и постапки. Да се молиме во мир, но и со мир да излегуваме во светот, зашто не би можеле вистински да се радуваме ако сè уште грешиме и ако не сме помирени со Бога“, се наведува во посланието.

За жал, еве и по 60 години, се истакнува, црковно оправданата постапка на македонскиот православен народ е дочекана со неодобрување, преку селективното и пристрасно разбирање на каноните, кои се толкуваат и применуваат по нечија дневна потреба.

„Но, ние не губиме надеж и веруваме дека со помош на Семилостивиот ќе ни се врати местото во сеправославното семејство. Затоа, трпеливо молиме, бараме и чукаме на портите од срцата и совеста на нашите православни браќа. А што бараме? – Бараме да нè препознаат дека сме тоа што сме биле – чеда на своја вековна Црква, во која исповедаме и живееме „според верата на апостолите и на отците, верата православна – верата што ја утврди вселената“. Не бараме ништо повеќе од тоа што го имал, од тоа што го заслужува, и што му припаѓа на нашиот православен народ. Зашто, со нашата полна црковна самостојност, ќе се збогати и ќе се умножи Црквата Христова. Со тоа и православните браќа и Помесните цркви ќе ја избегнат можноста да паднат во негативните расположби и постапки на своето историско минато“, пишува во посланието.

Се нагласува дека со Божја помош, по молитвите на свети Климент Охридски – нашиот патрон, да продолжиме по патот на Господа, да ја чуваме чистотата на верата, единството во Црквата и меѓу нашиот народ, да ги чуваме и браниме духовните и националните вредности и посебности, знаејќи дека сегашново време не е ништо спрема славата што треба да ни се открие и дека ништо не може да нè оддели од љубовта кон Бога и од она што е наше – македонско.

Митрополитот Преспанско -Пелагониски г.Петар: „Христос Воскресе! Ете,во два збора се искажани сите човечки настани,сите животни патишта, на сите луѓе, за сите времиња!Во два збор – целата историја на човечкиот род! Во два збора – најголемата револуција во сите човечки светови, најголемата пресвртница, најголемиот расплет„-  се вели во велигденското послание на Владиката Петар.

„Ние денес ја празнуваме совршената и надумна тајна – Воскресението Христово, победата на Животодавецот над смртта. Нашиот Спасител триумфираше над злото и темнината и поради тоа, богослужението на нашата Православна Црква е толку исполнето со благодат и радост“- се нагласува во дел од велигденската порака на Митрополитот Преспанско -Пелагониски г.Петар

 

 

 

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Оптика Оптил и Оптил Тајм со предновогодишно изненадување за најмладите

Гордана Цветаноска

Прилепчани уапсени со три килограми марихуана и автоматска пушка

Пела Редакција

Прилепчани го вклучија алармот за спас на изворот Леково!

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе