5.4 C
Прилеп
петок, 15 ноември, 2024
Пела Радио

Пендаровски во Прилеп на конференцијата за „Дигитализација„ оствари и средба со градоначалникот

Претседателот Стево Пендаровски ја посети Општина Прилеп и оствари средба со градоначалникот Борче Јовчески. Целта на посетата бепе конференцијата на тема „Дигитализација“,  во организација на амбасадата на Француската Република и Францускиот институт во Скопје, која денеска се одржа во Националната Установа Центар за Култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Претседателот Пендаровски ја нагласи важноста на дигитализацијата како предуслов за економски развој, за транспарентни, одговорни институции и за квалитетни јавни услуги што ќе ги задоволуваат потребите на граѓаните.

 

„За таа цел, уште на почетокот на мојот мандат го иницирав проектот „МКД2030“ како наша, автентична стратешка рамка за развој до крајот на оваа деценија. Наскоро ќе го промовираме тој проект во јавноста, но, уште од сега е јасно дека еден од основните постулати за развојот да биде можен е тој да биде – дигитален“, истакна претседателот.

 

 

 

 

Говорејќи за дигиталната сфера како основа за напредок, претседателот Пендаровски посочи и на еден од клучните предизвици – големиот обем на дезинформации и брзината со која се шират преку дигиталните платформи и социјалните мрежи.

 

„Оние кои стојат зад кампањите за дезинформирање ги злоупотребуваат слабите страни на општеството, ја намалуваат неговата отпорност, ја поткопуваат довербата кон институциите и, за жал, успешно ги продлабочуваат поделбите меѓу луѓето“, оцени претседателот Пендаровски, посочувајќи дека лажните вести и дезинформации успеваат особено во периоди на неизвесност, каков што е овој сега, оптоварен со пандемија, војна, економска и енергетска криза.

 

Осврнувајќи се на сензационалистичките дезинформации кои се шират многу побрзо и стигнуваат до многу повеќе луѓе отколку вистинските и проверени информации, претседателот посочи на лажните вести поврзани со КОВИД-19, како и на бројните примери во последниов месец, кај нас и во поширокиот регион, кога се нанесува штета на економијата, креирајќи паника меѓу населението кое ги празни продавниците со животните продукти.

 

Амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Сирил Бомгартнер, во своето обраќање посочи дека во актуелните рамки на Европската Унија, претседавањето со Советот се случува само еднаш на секои тринаесет и пол години, што е ретка можност.

 

„Франција го презеде ова претседателство во еден исклучителен контекст, во период обележан со големи кризи. Тој нов геополитички контекст нѐ засега сите нас, а стратешкиот интерес за европската интеграција на Западен Балкан дополнително се зајакнува, што особено се однесува на Северна Македонија. На денешната конференција на тема „Дигитализација“ зборуваме за предизвиците во таа област, за Европа која станува светска референтна сила за дефинирање на фер и транспарентни правила, за заштитата на правото на приватност и на личните податоци, за добрата информираност и за тоа како да се заштитиме од говорот на омраза”, истакна амбасадорот Бомгартнер.

 

На Конференцијата која се реализира во рамки на активностите поврзани со француското претседателство со Советот на Европската Унија, свои излагања имаа Беноа Лутрел, член на Советот за регулација на аудио-визуелна и дигитална комуникација, поранешен директор за односи со јавност во Гугл и поранешен Генерален директор на ARCEP, Филип Стојановски, директор за партнерства и развој на ресурси, НВО Метаморфозис, Елена Стојановска, консултант од областа на заштитата и безбедноста на личните податоци и Бојан Кордалов, комуниколог, Институт за добро управување и евроатлантски перспективи.

 

На панел дискусијата учествуваа студенти од Економскиот факултет – Прилеп и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ од Скопје, франкофони средношколци од Гимназијата „Мирче Ацев“ – Прилеп, од Гимназијата „Кирил и Методиј“ – Неготино, од Средното економско училиште „Васил Aнтевски Дрен“ – Скопје, како и претставници од Коалицијата на младински организации СЕГА и од Регионалната канцеларија за младинска соработка на Западен Балкан – РИКО.

 

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО)Станкоски: откупните компании да не манипулираат со тутунарите со нелегитимни известувања

Гордана Цветаноска

ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ го одбележува Месецот на книгата

Пела Редакција

Тенденција или грешка-прилепската општинска каса скусена за 500 000 евра ?!

Пела Редакција

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе