5.4 C
Прилеп
петок, 15 ноември, 2024
Пела Радио

Слобода на медиумите на македонски начин…

Ако слободата на медиумите се мери според Индексот востановен од организацијата Репортери без граници, Македонија напредувала за 33 места во споредба со лани. Убав податок кога станува збор за развој во однос на слободата на говорот и на јавно искажаната мисла која што во центарот секогаш треба да ја има вистината. По новата методологија, Македонија најдобро стои според индикаторот „правна рамка“, каде се наоѓа на 28-то место во светот. Според безбедноста е на 53-тото место, додека во политичкиот контекст се наоѓа на 56-тото место во светот. Најлошо стои според социо-културниот аспект – 74-то место и економскиот индикатор – 83-то место.

А каква е реално сликата на новинарството и во медиумите во Македонија, особено во внатрешноста на земјава ?

Урнисани локални медиуми, нелојална конкуренција, а како резултат на тоа – недоверба од јавноста на некогашната „седма сила“ – новинарите !!!

Во потрага по вистината за тоа колку државата се грижи за опстанок на медиумите би започнала од времето кога новинарството изворно се градеше со востановени норми и правила, во услови на постоење на мрежа од локални медиуми под капата на државата. Во Центарот за печат радио и телевизија Прилеп новинарството се учеше, практикуваше, постоеше натпревар на идеи, креирање на содржини, имаше почит кон постарите колеги и уредници. Тогаш, беше гордост да се биде новинар, иако и  во тоа време професијата не беше добро платена.

Но, дојде време за реформи, оти беше време на транзиција, а во нашава држава секогаш кога ќе се каже зборот реформи, тоа значи уништување. Па така бидна и со локалните медиуми во 90 тите години.

Се реформиравме во држава каде единствен, повторувам, ЕДИНСТВЕН медиум под капа на државата остана јавниот сервис  МРТВ, а се’ друго се комерцијализира, така што тоа се медиуми во приватна сопственост. И тука завршува претпоследната епизода од приказната за новинарството во Македонија.

До толку е неважно КАКО ќе  функционираат медиумите во внатрешноста, КОИ информации и НА КАКОВ начин тие ќе се пренесуваат до граѓаните за суштествени настани од локалната заедница. До толку е неважно дали, кој, и како ќе се пренесуваат пораките преку медиумите. Чунки ТИЕ либерализираните радија, телевизии и весници станаа комерцијални –но, без при тоа да има јасни правила на игра, што ќе рече: секој може да биде новинар, а сопственикот на медиумот единствено не смее да биде на јавна функција.

Последната епизода во приказната за македонските медиуми започна од пред 4 години кога власта ЗАБРАНИ државните органи, локалните самоуправи, јавни претпријатија, институции да предвидуваат средства за комерцијалните радиодифузери наменети за информирање на јавноста за нивната работа. Чунки на таков начин ќе се прекинела спрегата меѓу власта и медиумите и ќе се овозможела демократизација и слобода.

И така би!!! Се ослободивме – конечно!

  • Медиумите се слободни –оти пловат во безвоздушен простор каде царува хаосот во нерегулиран пазар;
  • Медиумите во внатрешноста на Македонија се толку слободни – колку што нивните легитимни претставници не ги засега на кое дереџе сме како фела, а уште помалку тоа ја интересира власта на локално и онаа на централно ниво!
  • Медиумите се слободни со новинари кои коленичат за да преживеат;
  • Медиумите се слободни во просторот кој што го пополнуваат неписмени, полуписмени и недораснати самонаречени„новинари“ ?!   
  • Медиумите во Македонија се толку слободни што се во слободен и незапирлив пад, во бездна каде светлото не се гледа!  
  • Медиумите во Македонија и новинарите се слободни, да, ослободени се – првите да го стават клучот, а вторите да ја променат професијата која за жал падна на најниско можно ниво.

Е па нека ни е честит Денот, до година кој знае … можеби, како што се движат работите во земјава, уште некоја реформа и … ќе нема ниту медиуми, ниту новинари!

Би можело да ве интересира

Новогодишна здравица до зори – Празнична програма на Радио Пела (ВИДЕО + ФОТО)

Никола Димески

Ќе се спроведува третата фаза на дезинсекција во општина Прилеп

ВО ПРИЛЕП НЕ Е ПРОБЛЕМ, А СЕ’ Е ПРОБЛЕМ!(17)

Гордана Цветаноска

Порталот ПелаМК користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе